Македонија Аеродром

Намерата е парите од заемот од Унгарија наменети за стопанството да бидат пласирани преку домашните банки, вели Мицкоски

Доколку има потреба, како што посочи, може да се влезе и во дополнителен аранжман под услови да има инвестиции во македонските компании.

Намерата е парите од заемот од Унгарија наменети за стопанството да бидат пласирани преку домашните банки, вели Мицкоски

Парите од заемот од Унгарија наменети за македонското стопанство треба да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека намерата на Владата е тие средства да одат преку банките, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начни да се пласираат овие средства.

-Факт е дека тие пари ќе дојдат во Македонија и ќе бидат ставени на располагање на македонската економија и на македонското сопанство. Нашата намера е да биде преку комерцијалните банки бидејќи тие имаат повешти механизми за управување со овие средства и да биде под истите услови под кои го земаме заемот. Доколку тие услови не бидат исти, тогаш ќе се обидеме да најдеме друг начин – дали тоа ќе биде преку Македонската банка за развој или друг механизам, ќе видиме, изјави денеска Мицкоски при посетата на општина Аеродром.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека потеклото на парите од заемот е од Кина, Мицкоски со оценка дека опозицијата работи на своја штета и дека изјавата на поранешниот вицепремиер за економски прашања нема никаква економска логика. Вели дека заемот не е кинески, туку од земја членка на Европската унија.

-Бев многу прецизен и тоа многу брзо од денеска, би рекол денови се во прашање, јавноста ќе види како овој заем што беше земен и што го помина собранискиот филтер, ќе и биде ставен на располагање на македонската економија. За жал, вчера слушнав изјава од поранешниот потпретседател на Владата задолжен за економски прашања која имаше врска со се, само не со економска логика. Тоа само говори во каква агонична состојба денеска се наоѓа СДСМ, раководството и пратениците на СДСМ. Само македонската опозиција успева на еден чуден начин да го најде потеклото на парите од заемот. Тоа е исто кога во чаша вода ставате од три шишиња по една третина и да кажете првата третина е од ова шише, втората третина од ова шише, третата третина од ова шише. Чудни логики гледам од страна на опозицијата, но исто така е факт дека кога се обелодени овој заем, мојот пријател, премиерот од Унгарија, беше под жежок притисок од страна на тамошните медиуми дека се задолжиле на домашен пазар по повисоки цени, а даваат кредити на нашата земја по пониска цена. Ако толку му пречи изворот на овие средства на поранешниот заменик претседател на Владата, тогаш зошто го потпишуваше договорот со кинеската компанија за кинескиот кредит за автопатот Кичево – Охрид, изјави Мицкоски.

Доколку има потреба, како што посочи, може да се влезе и во дополнителен аранжман под услови да има инвестиции во македонските компании.

-Подготвени сме да одиме и чекор напред и понатаму да влеземе во уште еден дополнителен аранжман. Условот е уште толку да има инвестиции од македонските компании. Ако имаме 250 милиони евра заем под овие услови, уште 250 милиони сопствено вложување со што ќе иницираме систем на вложување од половина милијарда што е многу важно за македонската економија и да креираме во еден период од четири години 20.000 добро платени работни места. Тоа беше условот и за тоа се договоривме со стопанските комори кои ги посетив, рече Мицкоски.

Законот за заемот од Унгарската Експорт импорт банка, вчера помина на собраниска седница.

To top