Во извештајот на ЕК е наведено дека европското знаме треба да се користи исклучиво за предлог законски решенија кои ќе се однесуваат на усогласувања со европска регулатива. Не може да имате договор за инфраструктура кој е во согласност со некоја законска регулатива или закон за игри на среќа. Тоа е класична злоупотреба од страна на власта, изјави Марија Митева, член на ИК и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во утринска емисија на Алфа телевизија.
Таа потенцираше дека власта го злоупотребува европското знаме затоа што нивната цел на сите овие предлог закони е да се обезбедат финансии за криминал и корупција, односно за лични и партиски интереси, а не за интереси на граѓаните.
– Договорот за коридорите во извештајот е наведен во делот на економските критериуми и во делот на јавните набавки каде се бара од власта да се воведат нови закони кои ќе овозможат да се намали корупција, нови антикорупциски мерки и е наведен како закон со кој се руши правото на постапките во јавните набавки, истакна Митева.
Таа посочи дека не се очекува останатите земји членки сакаат држава со ваков извештај да биде дел од ЕУ.
– Зборовите нема напредок и претставува особена загриженост за ЕУ се двата клучни збора кои провејуваат низ извештајот. Навистина е жално да слушнете еден вицепремиер кога вели дека Уставот е единствена причина кога од амбасадорот на ЕУ слушнавме спротивна изјава. Кога имате изјава од амбасадор на ЕУ кога вели дека има зголемување на високата корупција и темелните вредности на ЕУ не се испочитувани, а се клучни за Македонија да напредува, од друга страна го имате Маричиќ кој вели дека Уставот е причината, рече Митева.
Митева нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет, Македонија не треба да биде држава преседан од која постојано ќе се бараат отстапки или диктати за да биде дел од ЕУ, тоа не е вистинскиот пат. ВМРО-ДПМНЕ има за цел Македонија достоинствено како сите други да биде дел од ЕУ.
– СДС и ДУИ се фокусирани на криминал и корупција, да ги постават нивните партиски челници на високи позиции само за да им го чуваат грбот од одговорност. Го уништија судството, администрацијата, се обидуваат народот да го направат апатичен за да ги задоволат личните интереси, изјави Митева.