По една година мандат на ВД градоначалник, Дејан Митески ќе ја побара довербата од аеродромци за следниве четири години да ја води нивната општина. За него одлуката на владејачката партија е голема чест, но и одговорност.
Митески во интервју за КУРИР говори за важните проекти кои се реализираат во моментов или се планираат за во иднина, за неговиот секојдневен контакт со граѓаните, за предозборната програма…
-Честа која ја добив од страна на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот, освен што е голема чест претставува и огромна одговорност. Одговорност во насока на тоа да се претставиме пред граѓаните во најдобро можно светло, да понудиме проекти и проектите потоа да ги реализираме во четиригодишен мандат, онака како што очекуваат граѓаните од нас, впрочем што е и наша работа.
На чело на Аеродром е само 12 месеци, но тој период го одбележаа низа проекти за добробит на аеродромци.
-Во изминатиов период бевме фокусирани на повеќе работи кои се неопходни, есенцијални во рамки на општина Аеродром. Она што ми е особено драго и ми претставува едно задоволство во насока на реализација како проект е тоа што за прв пат во општина Аеродром, во овој мандат, во оваа измината една година, во исто време се градат основно училиште, детска градинка и спортска сала. Тоа во изминатиов период, од постоењето на Аеродром не се случило досега и тоа е еден сериозен успех и за нас како локална самоуправа, меѓутоа и значајно од аспект на тоа што добивме голема поддршка од страна на Владата. Паралелно на тоа развиваме и инфраструктура, градиме и реконструираме спортски игралишта, нови паркови, меѓутоа овие три капитални проекти би ги издвоил како едно достигнување кое го сметам за успешно.
На терен меѓу сограѓаните постојано е во контакт со нив, ги слуша нивните пофалби и барања, но и критиките. Од тие средби ќе бидат извлечени низа идејни проекти за програмата со која ќе настапи на претстојните локални избори.
-Како градоначалник се трудам времето да не го поминувам во канцеларија или да биде во најмала рака поделено – дел обврски кои се неопходни да се завршат во рамки на општината, но поголем дел од времето да бидам заедно со аеродромци имајќи предвид дека жителите на Аеродром најдобро знаат да укажат кои се проблемите и на што треба да се фокусираме и насочиме за решавање. Дефинитивно од тие средби, од тие разговори со жителите на Аеродром излегуваат прекрасни предлози кои ги земаме предвид при креирање на програмата меѓутоа и во секојдневното работење. Многу често се случува да има барање од страна на граѓаните и веднаш како институција да постапиме и да им излеземе во пресрет на нивните барања. Паралелно на тоа, како кандидат за градоначалник, а не како градоначалник се обратив и до сите правни лица односно компании кои постојат на територија на општина Аеродром и кои придонесуваат и во развојот на општината и во вработување на луѓе, да дадат свои идеи, свое видување на работите, нешто што треба да го направи општината, а да помогне во развој на бизнисот и на тој начин да овозможиме поголем број на инвестиции, поголем број на вработувања. И во наредниот број ќе продолжиме со такви средби, поинтензивни. Веќе работиме на план како да побараме од граѓаните предлози со непосреден контакт, со директни средби и сметам дека ќе креираме една одлична програма.
„Аеродром добива кино сала, театар, Центар за културни, забавни и едукативни настани“. Пред неколку денови со големо внимание беше проследена оваа вест, а Митески во интервју за КУРИР откри детали.
-Аеродром за прв пат ќе има можност да добие еден мултимедијален простор, простор со кино сала, простор за театарски претстави , музички сценски настапи. Место каде што покрај што сите уметници во Аеродром ќе имаат можност да се претстават, простор кој ќе биде лесно достапен за користење, ќе биде пред сè простор наменет за нашите сограѓани, од дечињата до возрасните, простор каде ќе можат да поминат дел од своето време и ќе имаат лесно достапни услуги. Наместо дечињата да бидат по улици, ќе се обидеме со содржина и програма која ќе им ја понудиме на сите жители на Аеродром, да ги привлечеме и да ги вратиме на културниот живот. Имајќи предвид дека изминативе години културниот живот е многу замрен поради повеќе фактори, но еден од факторите е и немање на ваков простор во Аеродром. Општина со 100.000 жители жално е што досега немала еден ваков мултимедијален центар каде што ќе можеме да ги однесеме нашите дечиња да изгледаат театарска претстава, да го почувствуваат театарот, да ја почувствуваат сцената и на тој начин да им вградиме љубов во културата.

Од страна на некои негови претходници, Аеродром беше развиван нерамномерно. Се посветуваше многу внимание на одредени населби, но другите делови како да беа запоставени. Го прашавме Митески дали ќе ја поправи оваа неправда, а тој посочи дека во програмата ќе понуди и реализира проекти за сите населени места во општината.
-Она што се трудиме е да Аеродром добие подеднаков развој, од Долно Лисиче до Мичурин, буквално сите населени места. Како што споменав, за прв пат градиме спортска сала во Ново Лисиче, нешто што го немале 70 години. Таму постои основно училиште со 200 дечиња и тие дечиња досега немале училишна спортска сала. Реконструираме водоводи, реконструираме повеќе улици низ Населба Лисиче. Планираме изградба на атмосферски канализации во делови од Лисиче кои не се покриени… Паралелно на тоа, правиме инвестиции во останатиот дел од општината. Градиме основно училиште во Мичурин, градиме детска градинка во Стар Аеродром, реконструираме повеќе инфраструктурни објекти низ цела територија на општината. Мултимедијалниот центар ќе биде во Ново Лисиче, повеќе паркови на различни места. Се трудиме како општина максимално да го развиваме секој дел од општината подеднакво. Благодарение на поддршката од Владата која што ја добивме во изминатиов период ни се создаде можност да реализираме многу инфраструктурни проекти, тука подразбирам и училишта и градинки, кои претходно сме немале можност да ги реализираме имајќи предвид дека буџетите на општините се ограничени, а особено буџетот на општина Аеродром е намален имајќи предвид дека приходите кои некогаш сме ги добиваме од комуналии за изградба на згради се повеќекратно намалени од причина што во Аеродром во моментов нема таква градежна експанзија на нови згради. Тоа е нешто што го ветивме пред граѓаните пред четири години, дека ќе ставиме ред во урбанистичкиот хаос кој што постоеше, меѓутоа секако ја плаќаме цената на тоа што имаме помали приходи. Токму затоа поддршката од Владата беше добредојдена за општините за да може да реализираме голем број на проекти кои граѓаните ги побарале.
Пред него е цела предизворна кампања во која планира да го посети секое делче од Аеродром, да поразговара со граѓаните, да се погледнат очи во очи. Но тоа, вели, не го прави само во кампања, туку останува близок меѓу граѓаните постојано затоа што комуникацијата со нив давала најдобри проекти и резултати.