Македонија

Мисајловски: Посветено ќе работам за да бидеме горди на својата Армија

Вети дека ќе се ангажира посветено во ресорот и оти МО и Армијата ќе бидат огледало на државата, бидејќи, како што рече, како земја членка на НАТО, Армијата е најголем амбасадор на државата.

Мисајловски: Посветено ќе работам за да бидеме горди на својата Армија

На свеченост пред Министерството за одбрана, новоизбраниот министер за одбрана Владо Мисајловски денеска ја презеде функцијата од досегашниот заменик министер Тирон Јајага. Вети дека ќе се ангажира посветено во ресорот и оти МО и Армијата ќе бидат огледало на државата, бидејќи, како што рече, како земја членка на НАТО, Армијата е најголем амбасадор на државата.

– Посветено ќе работам за Македонија да биде горда на својата Армија, рече Мисајловски.

Посочувајќи дека е голема честа да раководи со овој ресор, рече дека уште поголема е обврската, особено кон вработените и активниот воен и цивилен персонал, како херои кои се грижат за нашата и безбедноста на државата.

– Македонија денес е член на НАТО семејството, систем кој обезбедува на сите наши сограѓани безбедност која е клучна за сеопфатен општествено економски развој, која е еден од најважните стратешки приоритети на Владата. Пред вас се обврзувам, дека ќе работам на јакнење на меѓународниот углед и позицијата на државата. Ветувам враќање на достоинството во Армијата, инвестиции во нова опрема, инфраструктура и човечки ресурси. Приоритет ќе биде целосно активирање на сите расположливи ресурси во државата во функција на заштита на националните и државните интереси, а во согласност со обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, со цел обезбедување предуслови за стабилен економски и социјален развој на Македонија, рече Мисајловски.

Според него, реформските процеси ќе бидат на врвот на агендата, а согласно целите на способност на НАТО соодветно ќе биде ажурирана стратегиската рамка, како основа за имплементација на реформските процеси во клучните области на одбрана. Со овие реформи најавува дека соодветно ќе се зајакнат процесите на модернизација на Армијата, меѓународната соработка, системот на човечки ресурси, образованието и обука на персоналот, логистичката поддршка, воената инфраструктура, комуникацискиот систем и кибер одбраната.

Мисајловски рече дека цврсто застанува на заложбите за стабилно и континуирано финансирање на одбраната согласно одлуките на НАТО и за исполнување на обврската за издвојување на средства за одбраната на ниво од 2 проценти од БДП, но и дека ќе има зголемување на реализацијата на сите капитални расходи и значително намалување на сите непродуктивни трошоци.

– За вработување во Армијата ќе има објективни, транспаренти и прецизни критериуми за квалитетен и професионален развој за воениот и цивилиот персонал во Армијата, јасни и транспарентни критериуми за избори и патување на вработените за стручно усовршување. За дипломатските мисии во странство и мировните мисии ќе се одлучува врз основа на стручност, заслуги и исполнување на меѓународните стандарди и стандардите на НАТО, рече Мисајловски.

За исполнување на сите овие негови заложби вети активна соработка со претседателот на државата како врховен командант на Вооружените сили, со раководството на Генералштабот на Армијата и сите други институции од извршната власт од одбраната, а ќе се залага и за унапредување на соработката на највисоко ниво со нашите стратешки партнери.

Досегашниот заменик министер Јајага упати честитки до Мисајловски, заблагодарувајќи се за ангажманот на функцијата и на сите вработени во Министерството за соработката.

На Мисајловски му порача дека презема институција со силни темели и тим од професионалци.

– Убеден сум дека со посветеност ќе се погрижите да ја унапредите визијата на оваа институција – достоинствено да бидеме претставени пред светот, НАТО и другите партнери. Преземате институција со силни темели и тим од професионалци кои во минатото покажале дека можат да постигнат големи нешта и ќе продолжат да работат секојдневно на подобрување на функционалноста на оваа институција со цел гарантирање на професионална армија, рече Јајага на свеченоста на која присуствуваа началникот на ГШ генерал потполковик Васко Ѓурчиновски, државниот секретар Владимир Анчев, генерали во Армијата, пратеници, воени и цивилни лица од ресорот…

Мисајловски е актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој бил советник за надворешна политика и меѓународни односи во кабинетот на претседателот на Собрание на Република Македонија во периодот од 2009 до 2010 година, а од 2010 до 2011 година е раководител на одделение за поддршка на градоначалникот во Општина Центар. Од 2012 до 2014 година е државен секретар во Министерство за надворешни работи, а во 2014 државен секретар во Министерство за транспорт и врски. Од 2014 до 2015 година, Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта, а од 2015 до 2017 година е министер за транспорт и врски. Во периодот од 2018 до 2020 година бил комерцијален директор Кендо 3 Дооел, Скопје, а од 2020 до 2024 година пратеник во Собранието.

Роден е на 21.01.1985, Скопје. Дипломирал на Факултетот за општествени науки во Скопје каде се здобил со звање дипломиран политиколог за меѓународна политика и дипломатија, а магистрирал на областа Европска меѓународна политика и дипломатија на истиот факултет.

To top