Во гостување во емисијата „За или Против“, министерот за одбрана Владо Мисајловски посочи дека државата е во постојана координација со сојузниците во НАТО и дека безбедносните служби редовно разменуваат информации со партнерските земји. Според него, во моментов нема индикации за директна закана по безбедноста на државата, но институциите остануваат внимателни и подготвени да реагираат доколку се појават ризици.
„Членството во НАТО претставува значаен фактор за стабилноста и безбедноста на Македонија. Сојузништвото обезбедува механизми за колективна одбрана, но и подобра координација во справувањето со современите безбедносни предизвици“, потенцира Мисајловски во интервјуто со Љупчо Цветанвски.
Мисајловски додаде дека државата работи на јакнење на одбранбените капацитети и модернизација на Армијата, што е дел од пошироката стратегија за зајакнување на безбедноста. Како што посочи, инвестициите во одбраната и соработката со сојузниците се клучни за одржување стабилна и безбедна средина.
„И покрај нестабилноста во некои делови од светот, институциите во Македонија имаат капацитет и подготвеност да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, при што редовно се следат сите потенцијални закани и безбедносни предизвици“, посочи министерот за одбрана Мисајловски.