Министерството за финансии продолжува да ја унапредува енергетската ефикасност во општините, реализирајќи значајни инвестиции во модерни и штедливи системи за јавно осветлување со поддршка од Светска банка.
Министерство за финансии успешно ја продолжува реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, кој се спроведува со финансиска поддршка од Меѓународна банка за обнова и развој -Светска банка.
Проектот за енергетска ефиканост во јавниот сектор, кој што се имплементира преку проектната единица при Министерството за финансии претставува значаен чекор во насока на модернизација на јавната инфраструктура и унапредување на одржливото управување со енергијата во земјата.
Во рамки на компонентата „Инвестиции во општините“ како дел од овој проект, со вкупна вредност од 8,2 милиони евра, се обезбедува финансиска поддршка за реализација на проекти за реконструкција на јавни објекти со мерки за енергетска ефикасност, како и за модернизација на јавното осветлување во надлежност на општините.

Во овој циклус успешно се реализирани три под-проекти за улично осветлување во Пробиштип, Ранковце и Лозово, со вкупна инвестиција од 41.396.788 денари за замена со нови, енергетски ефикасни ЛЕД светилки.
Во Општина Пробиштип беше реализирана целосна замена на постојното улично осветлување со нови ЛЕД светилки, со што се опфатија централното градско подрачје и 29 населени места. За реализација на проектот во оваа општина се инвестирани 23.032.497 денари, и со него се овозможува значително подобрување на квалитетот на осветлувањето.
Во Општина Ранковце беа поставени современи, штедливи ЛЕД светилки во населените места Ранковце, Псача, Петралица, Опила, Љубинци и Гиновци.
Со инвестиција од 9.392.799 денари, овој проект придонесе за зголемена енергетска ефикасност и повисоко ниво на безбедност и квалитет на живот за локалното население во Ранковце.
Во Општина Лозово, преку овој проект реализирана е инвестиција од 8.971.492 денари, и беа поставени нови енергетски ефикасни ЛЕД светилки во осум населени места, со што се заокружи процесот на модернизација на уличното осветлување во општината и се создадоа услови за значителни заштеди на електрична енергија.
Реализацијата на овие проекти претставува конкретен придонес кон модернизирање на енергетската инфраструктура на локално ниво, исполнување на законските обврски што произлегуваат од современата енергетска рамка и јакнење на одржливиот развој.

Преку модернизацијата на уличното осветлување се постигнуваат значајни заштеди на електрична енергија, се намалуваат трошоците на општините и се обезбедува поквалитетна и побезбедна јавна услуга за граѓаните.
Министерството за финансии останува посветено на обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства што носат долгорочни придобивки за заедницата, поттикнувајќи енергетска ефикасност, фискална одговорност и одржлив економски развој.