„Ниту една земја во ЕУ – ниту една земја во светот – не може сама да се справи со толку голем број жртви со тешки изгореници.Македонија учествува во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (UCPM) и може да побара помош во случаи на големи катастрофи. Ова е токму таква ситуација“, напиша на „Фејсбук“ романскиот министер за здравство Влад Војкулеску, кој апелира до властите во земјава брзо да реагираат.
-Македонските власти мора итно да поднесат официјално барање за помош за жртвите да добијат специјализиран третман во најдобрите европски центри за изгореници. Сигурен сум дека комесарката Хаџа Лахбиб веќе е вклучена и дека европските институции како што се Центарот за координација на итни одговори (ERCC), Генералниот директорат за цивилна заштита и хуманитарна помош (DG ECHO) и Европската комисија за подготвеност и одговор на здравствени итни случаи (HERA) веќе ги преземаат првите чекори за да помогнат. Но без официјално барање од Северна Македонија, се губи драгоцено време – време што може да спаси животи“, пишува Војкулеску во објавата, која е преведена и на македонски јазик.
„Романија направи трагични грешки во 2015 година по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“, доцнејќи со барањето меѓународната помош и не евакуирајќи ги пациентите навреме. Многу луѓе изгубија животи непотребно поради политичка неодлучност и бирократски пречки. Македонија не смее да ги повтори овие грешки. Ако сте во Македонија, барајте итна акција од вашата влада! Секој час е важен“, пишува романскиот министер.