„Во Македонија имаме околу 600.000 граѓани кои имаат само 100 денари денес во џебот, за да купат да јадат и целиот ден да го преживеат. Тоа не е социјална помош, народот е доведен буквално на питачки стап“.
Ова во интервју за КУРИР го истакнува министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.
Со него разговаравме за повеќе теми. Само неколку дена по превземањето на функцијата во техничката Влада одговори кои се неговите очекувања за мандатот од 100 дена, во каква состојба го “наследи“ министерското столче, што ќе му биде во фокусот и какви промени се негова цел.
КУРИР: Господине Велковски, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ станавте министер за труд и социјална политика во техничката Влада. Оваа функција сигурно е голема чест за вас, но е и голема одговорност. Што значи тоа за вас?
Секако е голема одговорност, тоа што ми беше доделено како позиција на министер во техничка Влада. Пред сè сакам да кажам дека јас сум одговорен човек кој своите работи ги исполнува максимално и кога ќе се зафатам со некоја работа навистина гледам да ја завршам до крај. Сум учествувал во многу сектори каде што сум работел, пред сè тука во МТСП каде имало мој бенефит кон одредени процеси, знаат и луѓето кои соработувале со мене дека мојата одговорност и тоа што ќе го започнам дека до крај ќе го завршам. Како личност, како човек, имам доволно капацитет да се носам со една ваква функција која ми беше доделена од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
КУРИР: На ова место доаѓате со големо искуство во ресорот. Имате работено овде и ги знаете проблемите во суштина. На оваа функција сте веќе неколку дена, што се случи по примопредавањето, како ја почнавте работата?
-По примопредавањето направивме анализа во состојбата на самото министерство, каде наидовме на една неорганизираност во однос на комуникацијата помеѓу секторите и она што ме зачуди е дека со години не биле организирани одредени состаноци и координации помеѓу секторите и тука настануваат одредени проблеми поради некомуникација меѓу истите за да доведе до носење на можеби погрешни одлуки. Проблемот претпоставувам тука е во самиот менаџмент и раководството на МТСП и мислам дека политиките кои ги воделе овие луѓе или неносењето на политики довело до носење на погрешни одлуки или неносење на никакви одлуки во самото министерство и тоа предизвикало ваквата состојба која денес е затекната да биде на вакво лошо и сериозно ниво на загриженост.
КУРИР: Народот оценува дека институциите не им се достапни за решавање на нивните проблеми. Вие ветивте дека заедно со граѓаните ќе ја смените сликата на затворени институции. Што значи тоа, што планирате да направите?
Ништо не е едноставно, но ништо не е невозможно. Пред сè ќе поставиме еден ред на работите, ќе ги отвориме вратите за граѓаните, ќе бидеме постојано достапни и јас и мојот тим кој ќе биде во МТСП, но не само тие туку и комплетно сите вработени во институцијата и сите професионалци кои имаат желба да помогнат на граѓаните во Македонија. Ќе бидеме и повеќе надвор на терен, меѓу граѓаните. Јас и мојот тим директно со граѓаните ќе разговараме за нивните проблеми и за тоа што треба да им биде решено или каде што се создале одредени пропусти во решавањето на нивните проблеми.
КУРИР: Презедовте еден сектор чиј има под себе голем број на граѓани, од децата во градинките до пензионерите. Можат ли сите старосни групи да бидат спокојни дека додека вие сте министер исплатите ќе бидат редовни и дека нема да запрете проекти кои се веќе почнати?
-Веднаш ги уверувам граѓаните, нема да има никаков застој по однос на исплата на средствата кои им следуваат на сите категории. Тука влегуваат пензионери, приматели на социјална помош, образовните додатоци и слично. Веќе пензиите се исплатени, веќе во понеделник ќе бидат исплатени сите права по однос на социјалната или детската заштита од страна на нашето министерство. Во однос на проектите, моето прашење е што јас би закочил во овој момент кога, верувале или не, да потенцираме каков голем проект во моментов стои или е во тек? Немам одговор навистина. Немам што да закочувам, јас сум тука да ги спроведувам и тековно да течат работите, меѓутоа нашата главна улога на мене и останатите технички министри во оваа Влада е да се спроведат едни фер и демократски избори, избори каде нема да има притисок врз граѓаните и врз категориите каде што јас министерувам.
КУРИР: За време на техничката Влада и предизборието, примателите на социјална помош често биле мета некој да се обиде да ги изманипулира. Која е вашата порака до секој граѓанин кој ќе добие закана дека ако не гласа за одредена политичка партија ќе остане без тие пари кои му следуваат?
-Во Македонија имаме околу 600.000 граѓани кои имаат само 100 денари денес во џебот, за да купат да јадат и целиот ден да го преживеат. Тоа не е социјална помош, народот е доведен буквално на питачки стап. Овие луѓе беа предизвикани од оваа Влада која 7 години ги третира на работ на сиромаштијата. Треба да се срамиме од фактот што толку многу граѓани се доведени до едно вакво ниво. Не смее ниту еден да биде загрижен. Овие категории знаеме дека биле злоупотребени во минатото, но еве јас давам порака кон овие граѓани дека секој оној кој ќе добие одредена закана дека ќе му биде укинато правото на социјална помош или другите социјални права или дека нема да му биде дадено во иднина, воопшто да не се плашат. Дека такво нешто нема да се стори и ако има нешто такво, слободно ги мотивирам за да пријават. Една парола која ја водеше Социјалдемократскиот сојуз беше „План за живот во Македонија“, епа во Македонија денеска немаме живот, имаме само преживување, за жал.
КУРИР: „Од денеска започнуваат промените што граѓаните сакаат да ги видат“ – ова беше вашата прва порака која ја испративте откако ја добивте функцијата. Какви промени ќе бидат први на листата кои имате цел да ги направите?
-Првите промени кои сакам да ги направам се да се воспостави еден ред на работите. Во ова министерство ги познавам луѓето, има многу чесни вработени и професионалци. Тие од првиот ден на моето доаѓање, кога се видов со секој еден од нив, гледам дека се оптеретија од еден притисок, а тоа значи дека ќе им се врати мотивот за работа кај самите нив. И тоа е многу важно, во овие три месеци кои што течат во оваа техничка Влада, овие луѓе да бидат растеретени од каков и да е притисок, да ги вршат редовно своите работни задачи. Во делот на социјалната, пензинската, детската заштита, приоритетот ќе биде промена на системот. Во овие три месеци, не можеме многу да постигнеме, меѓутоа ќе имаме простор после 8-ми мај да засукаме ракави тоа да го постигнеме, измени во социјалниот систем, измени и ветувања кон пензионерите и секако грижата кон најмладите, тоа е детската заштита.
Со министерот разговаравме и за проблемите со договори на дело кои ги имаат вработените во градинките. Обвини дека Владата на СДСМ овие луѓе ги држела на „ланец“ и дека таа слика мора да се промени.
Велковски ни откри во каква состојба го затекна МТСП по преземање на функцијата, дали се соочил со некаков отпор и какви луѓе ќе бидат дел од неговиот тим, но и кои се неговите очекувања за периодот до изборите.
Целото интервју со него, во видеото во продолжение