Вечерва во Шуто Оризари се одржа митинг каде беа промовирани кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник на општината Ерџан Демир. На митингот одржа говор и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Многу ми е драго што сум во Шуто Оризари, место со многу проблеми, но со големо срце и душа, изјави Мицкоски пред насобраните граѓани. Тој нагласи дека оваа општина предолго била поттурнувана, заборавена и понижувана.
– Тоа што политичарите доаѓаа само пред избори и не остваруваа ништо, е доказ дека го потценуваа народот на Шутка. Тоа нема повеќе да се повтори, рече Мицкоски, додавајќи дека „времето кога неколкумина се богатеа на грбот на народот завршува“.
Тој ги повика граѓаните да излезат масовно на избори и да гласаат за, како што рече, „подобар живот за себе, своите семејства и своето маало“.
Мицкоски истакна дека кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Шуто Оризари е Ерџан Демири, кого го нарече „вистинскиот избор за развој и подобар живот“.
– Единствената коалиција што овде ја признавам е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека со изборот на Демири, Шуто Оризари ќе ја има поддршката и од Градот Скопје преку градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.