Македонија Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот

Мицкоски: Ова е почеток – над 50 предмети за висока корупција се отвораат, украденото мора да се врати кај народот

Говор на претседателот на Владата на РМ, Христијан Мицкоски, на конститутивната седница на националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.

Мицкоски: Ова е почеток – над 50 предмети за висока корупција се отвораат, украденото мора да се врати кај народот

„Денес ја одржуваме конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, тело кое не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно застанува цврсто, системски и бескомпромисно против криминалот и корупцијата.

Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани. Но ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и институциите.

Јасно и гласно сакам да порачам: Нема селективна правда. Нема заштитени. Нема недопирливи.

За таа борба да биде успешна, потребно е јакнење на судството и обвинителството, институционално, кадровски и функционално. Само силно, независно и професионално судство и обвинителство можат да ја изнесат оваа борба до крај и да обезбедат правдата да не биде спора, ниту селективна, туку ефикасна и правична.

Јас сум за засилени мерки во борбата против корупцијата. Но борбата не завршува со кривична постапка. Борбата мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот. Затоа што криминалот не смее да се исплати.

Украденото мора да се врати кај народот.

Токму затоа ги воспоставуваме овие механизми и токму затоа денес го конституираме овој Совет. Конфискацијата на незаконски стекнатиот имот и имотната корист не е едноставен чекор, таа е повеќедимензионален и комплексен процес, кој опфаќа повеќе фази, меѓусебно поврзани и условени, во кои се вклучени повеќе институции со јасно дефинирани надлежности и одговорности.

Следејќи ги фазите на постапката за поврат на имот, Стратегијата за периодот 2025 – 2028 година јасно ги дефинира трите приоритетни области на дејствување:

Прво, пронаоѓање, идентификување и следење на незаконски стекнатиот имот и имотната корист, не само во земјата, туку и надвор од неа, преку меѓународна соработка и современи финансиски истражни механизми.

Второ, привремено обезбедување и конфискација на имот и имотна корист, брзо, ефикасно и во согласност со законот, без простор за манипулации, одолговлекувања или злоупотреби.

И трето, ефикасно управување со одземениот и конфискуваниот имот, вклучително и неговата повторна употреба за социјални цели, затоа што одземениот криминален имот мора да добие нова, општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните.

Овој Совет, под водство на потпретседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, има клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие процеси. Очекувам од вас професионалност, храброст и интегритет, но пред сè резултати.

Денес поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединци.

Ова е борба за правна држава.

Ова е борба за доверба.

Ова е борба за достоинството на граѓаните.

И во таа борба, нема да отстапиме.

Ви посакувам успешна и одговорна работа.“

Најнови вести од Македонија

To top