Движење на процесите во државата напред, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска од претседателката Гордана Сиљановска Давкова го доби мандатот за состав на новата Влада.
-Набргу од денеска ќе биде составена новата, реформска Влада која ќе има основна цел и задача да ги движи процесите напред. Да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, да ги задвижиме работите во економијата, не’ очекува еден силен инвестициски циклус во економијата, изјави мандатарот Мицкоски.
Посочи дека граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова Влада.
-Граѓаните кои на овие избори, излегоа и гласаа во огромно мнозинство за коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што излегоа и што гласаа и за останатите политички партии и коалиции бидејќи на тој начин дадоа легитимитет на процесот, рече тој.
Мицкоски најави дека ќе работат и на полето земјоделците, припадниците на МВР, Министерството за одбрана да бидат задоволни.
Новиот мандатар посочи и дека владеењето на правото ќе биде нивната водилка, нешто како што рече, што изостанувало изминативе години.