Денес се одржа шестото Генерално собрание на единиците на локалната самоуправа на кое присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски.
Како што рече во изјавата за медиумите, во периодот што следи општините ќе имаат големо значење затоа што голем дел од капиталните проекти за потребите на граѓаните ќе бидат реализирани преку општините.
-Нашите граѓани имаат основни егзистенционални проблеми, во центрите на поголемите урбани средини се гази во кал, а ниту 20% од територијата е покриена со организирани канализациски системи а да не зборувам за нивно прочистување. Имаме средини каде што немаме ниту питка вода за пиење, имаме руинирани детски игралишта, гледате каква е состојбата со демографијата во Македонија – за неколку години за 30% е намалена бројката на дечиња кои што се раѓаат. Имаме руинирани училишта, долги листи на чекање во градинките и сето тоа треба да претставува приоритет и ќе претставува приоритет на идната влада. Она кое што јас можам да го кажам е да бидат подготвени сите градоначалници без разлика од било која политичка партија да доаѓаат, да работат на проекти. На есен, на првата половина од септември а можеби ако биде се како што треба со ребалансот уште во август месец ќе биде објавен повикот за оваа година. Минимум 6 милијарди денари, минимум 100 милиони евра иако јас се обидувам да обезбедиме и денар повеќе, но веќе следната година повикот ќе биде објавен на почетокот на годината и ќе бидат 250 милиони евра од централниот буџет за општините. Нашата цел е да во првите четири години од нашиот мандат допреме до 400.000 домаќинства, да ги решиме основните егзистенционални суштински проблеми. Да ја донесеме работата на Владата преку општините до домот на секој граѓанин. Сигурен сум дека ќе успееме, знам дека станува за амбициозна група на градоначалници кои ќе дадат се од себе да направат проекти бидејќи тие сите се избрани од народот и треба да бидат слуги на народот и пред народот да одговорат, рече мандатарот Христијан Мицкоски.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најпрво го поздрави идниот премиер Христијан Мицкоски кој што од самиот почеток се одзвал на поканата да присуствува Генералното собрание што е од голема суштинска важност, земајќи во предвид дека во изминативе две и пол години градоначалниците имале блокада од централната власт.
-Како ЗЕЛС не наидувавме на разбирање од страна на веќе поранешната власт по ниту едно прашање, дури и оној основен дел, Меморандумот за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата кој внатре ги содржи проблемите кои заеднички треба да ги решаваме, беше одбиван да се потпише. Ако по утрото денот се познава, тоа значи дека со новата власт ќе имаме беспрекорно добра соработка. Верувам дека ќе имаме голема реализација на проекти сите општини ширум Македонија и секако надминување на сите оние долготрајни проблеми со кои се соочуваме а се поврзани со децентрализацијата, проблемите за пожарникарите, проблемите со кучињата скитници итн. На ова генерално собрание ќе разговараме покрај проблемите и за некои законски регулативи и предлог закони кои што допрва треба да бидат донесени а се во полза на општините и граѓаните, како Законот за комунална полиција итн. Се надевам дека ќе имаме плодна и исцрпна дебата, премиерот на новата Влада ќе има и свое обраќање на ова собрание, претседателе уште еднаш благодарам за вашето присуство и се надевам дека се денес ќе помине во најдобар ред, истакна Ѓорѓиевски.