Сведоштвата на поранешната обвинителка во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лејла Кадриу, ги потврдуваат долгогодишните сомнежи дека оваа институција била партизирана и работела под директно влијание на СДС и тогашното раководство на партијата, изјави денеска членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
На прес-конференција, Манасиевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред речиси една деценија предупредувала дека СЈО, предводено од Катица Јанева, е ставено во функција на политички цели и интереси на СДС и поранешниот премиер Зоран Заев.
„Згаснатото СЈО, кое јавноста го памети по пресудата од седум години затвор за Катица Јанева поради земање мито, според сведоштвата на Кадриу било користено како алатка за политички прогон и остварување на партиски интереси“, рече Манасиевски.
Тој нагласи дека според исказите на поранешната обвинителка, чести посетители на просториите на СЈО биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, како и советници на Оливер Спасовски, кои, како што беше наведено, носеле прислушувани разговори – таканаречени „бомби“ – во форма на неформални белешки, без соодветна документација и записници.
Манасиевски посочи дека ваквото постапување овозможувало неовластен пристап и манипулација со доказен материјал, при што, според сведоштвата, било укажувано и на тоа кои лица да бидат гонети, а кои да бидат изземени од постапките.
Во продолжение, тој се осврна и на финансиското работење на СЈО, наведувајќи дека институцијата располагала со значителни буџетски средства, а во јавноста се појавиле сомнежи за нивно ненаменско трошење. Манасиевски повика надлежните институции да испитаат како биле потрошени средствата во првите месеци од функционирањето на СЈО, вклучително и трошоците за плати, бонуси, кирија и други расходи.
„Правдата не им била цел, туку профитот, политичкиот прогон и контролата врз институциите“, изјави Манасиевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стави крај на, како што рече, практиките на партизација на судството и обвинителството.
Тој најави дека и во наредните денови партијата ќе продолжи со објавување на нови сведоштва поврзани со работата на СЈО и одредени обвинители.