Македонија НАТО

Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, вкупните трошоци за одбраната на членките на НАТО за 2024 година се предвидени на ниво од 1.185 милијарди долари, што претставува зголемување за 10,85 отсто во споредба со ланските 1.069 милијарди долари.

НАТО трошоци за одбрана

Според Извештајот, вкупно 23 од 32-те членки на НАТО во 2024 година го достигнале договореното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од националниот БДП, што е повеќе од двојно во споредба со лани, кога оваа цел ја оствариле само 10 сојузници.

Земјава со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.

По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.

НАТО трошоци за одбрана

Под прагот и натаму остануваат Хрватска со 1,81 отсто, Португалија со 1,55, Италија со 1,49, Канада со 1,37, Белгија со 1,30, Луксембург и Словенија со по 1,29 и на последното место е Шпанија со 1,28 проценти од БДП издвоени за одбранбени трошоци.

Земјава за трошоци за набавка на опрема за 2024 година предвидела 29,3 отсто од вкупните средства издвоени за одбраната, со што го надминува утврдениот праг на НАТО од 20 проценти. Најголема стапка за опрема од вкупните трошоци предвидела Полска од 51,1 отсто, пред Унгарија со 47,8, Албанија со 47,7, Финска со 45,8 и Луксембург со 43,7 проценти. Сите останати земји се под 40 отсто.

На самото дно се Белгија со 15,2 и Канада со 18,6, кои воедно се и единствените членки на НАТО што не го достигнале утврдениот праг од 20 отсто од вкупните средства за одбрана за трошоци за опрема. Пред нив се Литванија со 21,2, Португалија со 21,9 и Италија со 22,1 отсто.

НАТО трошоци за одбрана

Од вкупните трошоци на Северна Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура. Сличен сооднос на распределбата на средствата има кај повеќето членки на НАТО, со исклучок на Португалија, Бугарија, Хрватска и Белгија каде над 50 проценти од трошоците се наменети за воениот персонал, Полска, Унгарија, Финска и Луксембург каде над 40 отсто се за опрема, истражување и развој и Шведска, САД и Данска кои над 40 отсто од средствата ги предвиделе за операции и одржување.

Во периодот 2014-2024 година, земјава бележи раст на трошоците за одбрана за 148,87 отсто од 106 милиони долари во 2014 на 263 милиони долари годинава. Во 2014 година трошоците за одбрана изнесувале 1,09 отсто од БДП, за сега да достигнат до 2,22 проценти.

Најголем раст на трошоците во изминатава деценија има Литванија од 324,45 отсто, пред Летонија со 316,36, Унгарија од 225 и Полска од 213,66 проценти. Од друга страна, најмал раст на одбранбените трошоци во периодот 2014-2024 имаат САД од 14,34 проценти, пред Велика Британија од 22,64, Франција од 25,63 и Хрватска од 37,5 отсто.

НАТО трошоци за одбрана

Сепак, иако имаат најниски стапки на раст на одвоените средства за одбрана, САД и Велика Британија се двете членки на НАТО со номинално највисоки одбранбени трошоци за 2024 година од 754,684, односно 75,277 милијарди долари, пред Германија со 76,943 и Франција со 55,195 милијарди долари. Најмалку средства за одбраната пак ќе потрошат Црна Гора и тоа 107 милиони долари, пред Македонија 263, Албанија 309, Луксембург 626 и Словенија 718 милиони долари.

Податоците во извештајот се базираат на информациите што министерствата за одбрана на секоја земја членка ги доставуваат до НАТО според договорена дефиниција, како и врз основа на економски и демографски показатели на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија (ДГ ЕЦФИН) и на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Во извештајот се посочува и дека со оглед на разликите помеѓу овие извори и националните прогнози за БДП, како и дефиницијата на одбранбените трошоци на НАТО и националните дефиниции, можно е изнесените бројки да се разликуваат од оние објавени од националните власти или наведени во државните буџети.

To top