Во рок од само една недела се започнува изградба на два автопати. Првиот е проектот со кој ќе се патува преку автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево, а вчера се промовираше и големиот проект на патниот правец од Прилеп до Битола кој ќе се прави како дел од коридорот 10д.
Македонија доживува инфраструктурен БУМ
Се интензивираат работите на автопатот Прилеп- Битола кој е дел од Коридорот 10Д. Треба да биде готов за три години, до крајот на 2027 година и да обезбеди економски развој на општините од Југозападниот регион.
Ова при вчерашниот увид на работите го констатираа владините претставници, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајаноски.
На увид беа и претставници на „Бехтел и Енка“ кои ги изведуваат работите и амбасадорката на САД во нашава земја, Анџела Агелер.
Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен како се одвиваат работите на теренот.
-Личен момент е да кажам дека сум исклучително задоволен што можеме конечно на терен да ги видиме сите оние работи коишто во позадина се прават, меѓу кои е и процесот на деминирање, решавање на имотно правни односи, експропријација, целата онаа логистика којашто е вклучена за да овој проект добие конечно вистинско значење, а тоа е дека почнува на терен да се реализира.
Ова го изјави Мицкоски по извршениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.
-Отворен е простор од 8 километри на целата траса, деминиран комплетно, решен имотно правно како што кажа и директорот на ЈПДП, во периодот којшто следи и тие преостанати 350 парцели ќе бидат имотно правно решени, битно е дека ние сме практично пред динамиката којашто ја имаа градежната компанија за да не го кочиме процесот и од она што можев во неформален разговор од одговорните да го слушнеме е дека до отприлика крајот на 2027 година, отприлика 3 години ќе бидат потребни за да ова овдека се заврши, рече премиерот и додаде-
„Така што уште еднаш ја користам оваа прилика од мое лично име да се заблагодарам на сите учесници во овој проект. Би сакал да се заблагодарам и на вработените во ЈПДП, на директорот, на потпретседателот на Владата, министерот за транспорт, да се заблагодарам на сите градоначалници од овој регион, на пратениците коишто ја подржуваат работата на компанијата, на нејзината екселенција амбасадорката Агелер, на вработените во Бехтел и Енка, на Џош којшто континуирано не информира и работи заедно со нас во прогресот на овој проект, на сите вработени во Владата, во министерствата, во институциите коишто помагаат несебично да овој процес еве го доживее ова што денеска ние можеме свечено да го отпочнеме, а тоа е конечно да почнеме на терен да го реализираме тоа што го плаќаат граѓаните преку буџетот. Уште еднаш голема благодарност и до вас медиумите што континуирано ја следите работата на политичарите и ве охрабрувам така да продолжите затоа што само преку вас ние можеме сето она што го правиме за граѓаните да го доближиме поблиску, а тие да ги почувствуваат бенефитите од сето тоа“.
Министерот Николоски истакна дека ова е ден за паметење бидејќи во рок од една недела се започнува изградба на два автопати во Македонија, меѓу кој и автопатот Прилеп-Битола со кои ќе се промени целосно сликата за Македонија.
-Навистина ова е значаен ден за целиот Пелгониски регион. Многу значајна работа и за Прилеп, за Битола, за Могила, Новаци, Ресен Кривогаштани, ако сакате и за Охрид бидејќи ова е алтернативен пат и за Охрид. Но најважното е дека овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата.
Ова значи заживување на економијата за целиот Пелагониски регион, добрите економски перформанси во овој регион дополнително се надградуваат, да се отвораат нови добро платени работни места и луѓето да ја видат својата иднина тука.
Можам со задоволство да кажам дека со завршувањето на овој автопат од Прилеп до Битола, како и со пуштењето во функција на експресниот пат од Градско до Прилеп кој што оди во три сексции и тоа од Градско до Дреново ќе биде готов до Нова година, Дреново до Фариш некаде март следната година и во текот на следната година и од Фариш до Прилеп, и кога ќе се заврши и овој автопат од некаде четириесетина километри, очекувам за три до три и пол години од денеска, од Скопје до Прилеп да се патува во едно пријатно патување од еден час и детсетина минути а до Битола еден час и триесет минути, што целосно ќе ја промени реалноста во регионот, во делот на економијата, во делот на комуникацијата и во делот на напредокот, потенцира Николоски и додава:
„Сакам да се заблагодарам на прмиерот Мицкоски затоа што на дневна основа ја следи реализацијата на овие проекти, лично е вклучен и помага на сите предизвици кои што ги имаме, на прекрасниот тим на ЈПДП кои се тука заедно со директорот Коце Трајановски, секако на компанијата Бехтел и Енка, на амбасадорката на САД кои што ни даваат несебична подршка и навистина мислам дека Македонија не видела во исто време да почнат да се градат два автопати во рок од една недела. А во брзо време ќе гледаме и завршени експресни патишта и автопати и железнички решенија.
Во однос на трасата, таа се движи паралелно или по линија на постојаниот магистрален пат Прилеп – Битола. Она што мислам дека е добро во делот на планирање и проектирање и да се заблагодарам на луѓето во министерството за транспорт и во ЈПДП, е што нема да има село кое што нема да биде поврзано со другата страна на автопатот без разлика на која страна е селото, бидејќи има голем број на потпатници и натпатници, а исто така имаме и 5 клучки кои имаме спојување во Прилеп, во Битола и на самиот коридор”.
Од околу 40 километри на автопатската делница, во моментот фронт на работа се 6 километри. Од 1300 парцели екпроприрани се 850, а од 500 хектари, на 100-тина се отстранети експлозивни направи, со помош на Армијата. Од досега најдените околу 19 500 можни експлозивни материјали, се извадени 200.
-Ние сега сме еден чекор пред „Бехтел и Енка“. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експрорпијацијата, ако чќекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, „Бехтел и Енка“ треба да не следи нас, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.