Лагите и манипулациите од страна на СДС и Филипче, за наводни мигранти во Македонија, ја демантираше викендов британскиот амбасадор Метју Лосон. Откако од петни жили, СДС и Филипче се бореа да создадат паника, хаос и хистерија кај граѓаните за пристигнување на мигранти во Македонија, таа лага им се распрсна како меур од сапуница, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
-Нема договори, нема преговори, нема центри за мигранти, нема мигранти, имаше само деструкција од страна на СДС и Филипче, и повторување на една иста лага, мислејќи дека таа на тој начин ќе стане вистина. Но, кога таа тема се разобличи и ќе биде демантирана, од страна на претседател на Влада, претседател на држава, министрите за внатрешни и надворешни работи, британски амбасадор, едноставно темата исчезнува, одговорност нема за паниката и нема извинување. Вака функционираат СДС и Филипче. Растураат пердуви во јавноста, а потоа ние треба да ги собираме. Но, дополнително сме загрижени за амнезијата која ја има чуварот на фотелјата на Заев, Венко Филипче, вели Лефков.

Тој покажа фотографија кoја е објава по прес-конференција на која Филипче вели дека никогаш не зборувал тој за мигрантски кампови.
-Истите оние мигрантски кампови кои тој и Заев сакаа да ги изградат во 2018 година, па на седница на Влада гласаа за таков план. Филипче изгледа заборавил, но ние сме тука да го потсетиме. И те како има говорено за мигрантски кампови, кога ширеше паника низ граѓаните. Погледнете ја фотографијата. Филипче одеше чекор понапред и свесно лажеше дека Македонија станува мигрантски камп и црна точка на Европа. Скоро 4 месеци подоцна, ниту има мигрантски кампови, ниту има мигранти, ниту ние сме црна точка на Европа. Само лаги, манипулации и деструкции. Политиките на СДС и Филипче, водени од српските ПР агенции на Башановиќ, не одат на добро ни на СДС ни на Македонија. Состојбата во која се наоѓа врвот на СДС е навистина загрижувачка. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжува да ги спроведува бенефитите кои доаѓаат од договорите со Велика Британија, САД, ЕУ, Унгарија. Македонија после долго време станува држава која седи на маса со големите светски сили и е рамноправна во одлучувањата, посочи Лефков.