Македонија генералштаб на арм

Лафчиски од Пентагон: АРМ покажа цврста посветеност кон регионална и светска безбедност

Началникот на Генералштабот на Армијата се сретна со заменик-претседавачот на Здружениот Генералштаб на Вооружените сили на САД

Лафчиски од Пентагон: АРМ покажа цврста посветеност кон регионална и светска безбедност

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во рамки на работната посета на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави, вчера (5 март), оствари средба со заменик-претседавачот на Здружениот Генералштаб на Вооружените сили на САД, генерал Кристофер Махони.

На средбата која се реализира во Пентагон, Вашингтон, се потврди тридецениското партнерство и соработка помеѓу двете Армии. Во оваа прилика, генералот Лафчиски ја нагласи цврстата посветеност на Армијата кон регионалната и светската безбедност преку учеството на припадниците од Армијата во мировни операции и НАТО активности, потенцирајќи го македонското учество во „Forward Land Forces“ во Република Бугарија, Романија и Република Летонија.

Во продолжение на средбата, генералот Лафчиски го информираше генералот Махони за најголемиот процес на модернизација во историјата на Армијата, вклучувајќи го опремувањето со ново набавените лесни оклопни возила STRAYKER и JLTV, современи хаубици и останато современо вооружување и опрема. Беше истакната и претстојната вежба „Блесок 26“ како врвен национален приоритет, со која треба да се оцени борбена готовност на Лесната пешадиска баталјонска група.

Во оваа прилика беше нагласена и важноста на Армиски полигон „Криволак“, како стратешки капацитет, кој овозможува обука од големи размери. При ова беше истакната можност за развојот на овој полигонот преку унапредување на инфраструктурата, модернизација и обезбедување услови за проширување на неговите можности за обука и вежби.

Во рамките на средбата се дискутираше и за моменталните предизвици и закани на светско ниво, со посебен осврт на влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, потребата за континуирана адаптација на капацитетите на Армијата и зајакнување на регионалната и меѓународната соработка за справување со современите закани.

To top