Македонија Интервјуа Ексклузивно

КУРИР интервју со Јаневска: За предизвиците кон подобро образование, историскиот договор и за актуелните скандали

Немам ништо против и апсолутно сметам дека секој е во право да си ги слави празниците, но во училиштата не смее да има ниту политика ниту ние смееме децата да ги учиме на агресивно однесување. Мали деца во контакт со оружје, без оглед што во овој случај тоа е пластично, сме имале слики каде мали деца се и со вистинско оружје во рацете, е еден неприфатлив начин на образование на децата кои утре треба да бидат носители на целата држава и на целото општество

КУРИР интервју со Јаневска: За предизвиците кон подобро образование, историскиот договор и за актуелните скандали

На министерското место во образование и наука дојде како професионалец од фелата, професор кој ги знае сите предности и слабости на секторот. Бројни приоритети, многу работа и планови, како и нов закон, но и одредени пречки за нивно брзо остварување.

Со министерката за образование и наука Весна Јаневска разговаравме за сето ова, но и за најактуелните случаи кои одекнаа во јавноста.

-Многу приоритети имаме за жал, тоа не е добра вест. Убаво би било кога би биле помалку проблеми со кои треба да се справуваме. Како професор во високото образование го знаев проблемите во високото образование, но како претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, повеќе години се запознавав со проблемите во другите нивоа на образование. Од лично искуство и од искуство на околината увидов дека навистина имаме многу сериозни проблеми во образовниот систем, кои де факто е еден од столбовите на општеството и доколку тој не се среди ние никогаш не можеме да дојдеме до добро организирано општество кое ќе може да одговори на сите потреби на една држава. Поривот беше алтруистички затоа што нашите млади луѓе, нашите деца и сите ние заслужуваме да имаме подобро општество, а тоа може да се направи само преку добар образовен систем, рече министерката.

Една од првите мерки кои ги спроведе беше враќањето на историјата како посебен предмет и тоа се соочи со бројни позитивни реакции. Зошто беше важно да се застане на патот на нечија идеја децата да не ја учат македонската историја?

-Не можам да објаснам идејата со кои пориви била донесена, но веднаш после примената на обединетите предмети стана јасно дека тоа во Македонија  првично не е изводливо од повеќе причини: немаме соодветен кадар, од реакциите на стручната фела, реакциите на родителите и се разбира тука имаше и еден политички момент заради кој претходната Влада мораше сериозно да размисли пред да предложи интегрирање на предметите. Моментот го надминавме и она што навистина требаше да се направи за да им овозможиме на децата и наставниците подобро да се одвива образовниот процес, предметите мораше да се раздвојат и на мое големо задоволство гледам дека тоа наиде на широко одобрување што значи дека и наставниците ќе бидат помирни за да го спроведуваат поучувањето, децата полесно ќе учат, се разбира и родителите ќе бидат позадоволни. Задоволството на факторите вклучени во образовниот систем е важно за да може образовниот процес непречено да се одвива, вели Јаневска за КУРИР.

Според сегашната програма целодневната настава е до трето одделение, а потоа се продолжува со класична настава, по неколку часови во денот. Ова наскоро ќе се промени и часовите кои децата ги минуваат пред телефон и на компјутер дома ќе се заменат во квалитетно поминато време и училишни активности. Предизвиците се бројни, но пречките ќе се надминат.

-Бројни анализи покажуваат дека нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку во нивниот образовен процес и од тука и разликите во стекнатите знаења, вештини и компетенции на нашите ученици во однос на нивните врсници во ЕУ. Евидентно е дека нашите деца без оглед што знаат родители и наставници да кажат дека децата многу учат, нашите деца сепак помалку учат. Подолгото време поминато во училиште  ќе овозможи тие на разни начини, не само преку обврзните наставни планови и програми туку преку додатни програми организирани од училиштето, со помош на Бирото за развој на образование, да стекнуваат различни и дополнителни знаења кои де факто им недостасуваат. Нормално е дека тука има многу погодности прво за детето да си ги заврши сите обврски од училиштето во првата половина на денот, а потоа да биде слободно и со родителите да може да го помине денот, има погодност и за наставниците да работат во една смена. Има погодност и за родителите, тие се сигурни дека децата им се наоѓаат на училиште згрижени и стекнуваат знаење. Родителите ќе бидат слободни да одат на работа или да завршат било какви обврски, а бенефитот најголем ќе биде тоа што ќе имаме поголем квалитет на образованието. Се разбира, тука не оди се лесно затоа што имаме проблеми со инфраструктурата во училиштата, односно имаме големи училишта кои одат во две смени. За да имаме едносменска работа, имаме до трето, сега ќе овозможиме до петто таму каде што има услови, без оглед дали само тие или и учениците до деветто, сите треба да работат во една смена. Ние правиме две паралелни анализи, една од МОН, една со помош на Светска банка, со што ќе утврдиме каде со најмалку средства можеме да оствариме услови за да се премине во една смена, тоа значи доградба на училници првенствено, а потоа и каде може да се доградат училишта или училишни крила за да почнеме да работиме во една смена. Природно е учениците да учат наутро, не попладне, а во меѓувреме слободното време да не го поминуваат како на телефон, компјутери и во разни игри, природно е тоа така да го прават. После тоа кога ќе завршат со прва смена на училиште ќе имаат време и за слободните активности, за дружење, социјализација и повеќе време да поминат со семејството. Затоа што слушаме разни експерти кои велат дека децата треба да поминуваат повеќе време со семејството. Ова е процес кој ќе трае, таа доградба и изградба на училишта ќе трае, но ете и во лошото има добро. Генерално, тоа е проблем во Скопје и во неколку други поголеми градови додека во најголем дел од внатрешноста веќе има простор и само треба да се направи реорганизација. Го чекаме и новиот закон за основно образование каде што се овозможува и до петто одделение целодневна настава. Штом ќе биде донесен, Бирото ќе тргне во обука на наставниците зада ги обучи како да работат во целоневна настава и во една смена со слободните и обврзните изборни предмети, со воннаставните активности, со општествено корисна работа. И без оглед што е потребно време, ние ќе почнеме и се надеваме во еден разумен рок да го направиме тоа на целата територија на нашата земја, објасни министерката во интервју за КУРИР.

Владата постигна историски договор со наставниците и професорите во однос на покачувањето на нивните плати.  Низ дијалог и отсега заедно ќе ги решаваат проблемите. За министерката нема дилема – наставниците заслужуваат да биде вреднуван нивниот труд и тоа ќе го добијат.

Две училишта влегоа во бојкот поради ученик со насилно поведение. Законот го знаеме – секое дете има право на образование. Но како родители разбирливо е да не бираме средства кога целта ни е да си ги заштитиме децата. Како треба да се реши овој проблем?

-Јас ги разбирам родителите кои стравуваат за сопствените деца, но станува збор исто така за дете. Малолетно дете кое треба да се вклопи во средината, односно во општеството. Првенствено треба да се испитаат причините зошто е такво однесувањето на детето, а за да се стори тоа и да може понатаму да се делува да се коригира однесувањето на детето, треба да се вклучат повеќе фактори од државниот систем. Првенствено училиштето со своите стручни служби би требало да може на некој начин да го реши проблемот, но соработката со родителите е од исклучителна важност. И стручните служби на училиштето и родителите би требало примарно да влезат во решавање на проблемот. Доколку тука нема резултати, секако треба да се вклучи и социјалната служба, односно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Министерството има сериозни законски обврски поточно Центарот за социјални работи, за да помогне во решавање на овој проблем. Очигледно е дека системот е малку тромав и се дозволи овој, ќе го наречам проблем, да ескалира премногу. Во овој момент детето станува жртва на однесувањето на општеството. Бојкот во едно училиште, бојкот во друго училиште, неможност да се справиме со проблемот. МОН во еден момент се вклучи во решавање на проблемот и постапивме така како што треба и како што е предвидено да постапиме, но сега ќе мора малку повеќе да се вклучи Центарот за социјални работи за дефинитивно да го решиме овој проблем. Детето има право и на образование, но и на мирен, пристоен живот. Детето има право да му се реши проблемот. Тоа е дете и не може само да си го реши. Затоа постои државата и организиран систем кој треба да го реши. Ќе се вклучат сите потребни институции кои ќе треба да го решаваат овој проблем, сега малку позабрзано. Ние исто така се ангажираме и ги повикуваме институциите позабрзано, поупорно и подлабоко да поработат на ова случување за да првенствено му помогнеме на ова дете кое е како и сите други деца од 9 години. Ниту смееме ниту имаме право, а имаме морална обврска да се грижиме за секој граѓанин на оваа земја. Тоа дете ги има истите права како и сите други деца и ние сме должни да го решиме тој проблем, рече таа.

Министерката остро реагираше  кога во ОУ „7 Март“ во Челопек деца учествуваа во училишна приредба облечени во униформи со амблеми на УЧК и парадираа со пушки во рацете. Наставниците тоа го дозволиле, родителите ракоплескаа…. Тоа што МОН го презеде по овој немил настан треба да биде поука дека вакви работи повеќе не смеат да се случуваат, а законите мора да се почитуваат.

-Многу пати повторувам и ќе повторувам постојано затоа што тоа е многу важно: Ова е наша заедничка земја која заеднички треба да ја градиме. Во оваа наша заедничка земја треба да создаваме милје на почит, соживот, мултикултурализам, на етички базични норми за човекови права, недискриминација, се она што води кон просперитет на една земја. Немам ништо против и апсолутно сметам дека секој е во право да си ги слави празниците, но во училиштата не смее да има ниту политика ниту ние смееме децата да ги учиме на агресивно однесување. Мали деца во контакт со оружје, без оглед што во овој случај тоа е пластично, сме имале слики каде мали деца се и со вистинско оружје во рацете, е еден неприфатлив начин на образование на децата кои утре треба да бидат носители на целата држава и на целото општество. Превземавме мерки за да покажеме дека сакаме да се спроведува сето ова што јас го кажувам, но и дека мора да се почитуваат законите донесени во Собрание од релевантните политички партии. Направен е увид, ќе има прекршочна одговорност за една личност, другите кои се одговорни исто така ќе бидат повикани да си ги спроведат законските одредби. Мислам дека оваа тема тука треба да ја затвориме со додаток дека во тие училишта каде што има индиции дека е вмешана политиката и дека можеби има обид за некаква етничка нетрпеливост, во тие училишта ќе се спроведе обука за трпеливост, недискриминација, мултиетничност, мултикултурализам, мултијазичност, што сметам дека ќе биде од корист за сите нас, порача Јаневска во интервју за КУРИР.

Најнови вести од Македонија Интервјуа

To top