На прашањето „во која насока се движи Македонија?“, во втората изборна единица која опфаќа делови од Скопје и Куманово, најголем дел од граѓаните изјавиле дека државата се движи во целосно погрешна насока. Имено само 9% рекле дека Македонија се движи во целосно правилна, 13,9% донекаде во правилна, 10,3% во донекаде погрешна, а 57,7% во целосно погрешна насока. Од испитаниците 9,2% немале одговор.
На истото прашање во шестата изборна единица 8,1% изјавиле дека Македонија се движи во целосно правилна насока, 23,4% во донекаде правилна, 22% во донекаде погрешна, а 36,8% во целосно погрешна насока. Од испитаниците 9,8% немале одговор.
Она што е индикативно за оваа анкета, особено делот за втората изборна единица е дека токму од таму доаѓаат доскорешниот премиер и министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски и Оливер Спасовски. Освен по прашањето во која насока се движи Македонија, во втората изборна единица испитаниците значително повисока поддршка даваат и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во втората изборна единица на прашањето за која партија би гласале, граѓаните изјавиле дека 19,4% ви гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 10% за СДСМ, 6,5% за ДУИ, 5,4% за здружените албански политички партии (Европски сојуз за промени), 4,5% за движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, 3,8% за Левица и 1,9% за Алијанса за Албанците.
Во шестата изборна единица најголема доверба ужива ДУИ 17,9%, веднаш зад нив е Европскиот сојуз за промени со 16%, ВМРО-ДПМНЕ би освоиле 8,1%, Алијанса за Албанците 7%, СДСМ 4,4%, Левица 0,6 и движење ЗНАМ 0,5%.
Споредувани ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за тоа кој има поголеми шанси да победи на изборите, во втората изборна единица ВМРО-ДПМНЕ има речиси тројно поголема предност пред СДСМ , односно 28% од испитаниците очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да победи, а 10,3% СДСМ. Во шестата единица 10,6 % очекуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а 2,6% сметаа дека СДСМ ќе биде победникот.