Кандидатот за градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски се обрати на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во општина Бутел со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври.
– Стојам пред вас како човек кој ги чувствува, но и ја дели вашата болка но и вашата надеж. Ме избравте за градоначалник затоа што сакате да имате општина во која децата ќе растат без страв, старите ќе се чувствуваат безбедно, а чесните луѓе ќе имаат фер можности и достоинствен живот. Нашиот пат до овде не беше лесен, рече Костовски.
Тој неведе дека: „Пред нас периодот од 2017-2021 година имаше влијание на локални банди, корупција и урбана мафија кои го блокираа развојот и на намалија довербата во институциите. Јас тоа добро го знаев и затоа со полно срце и со целосна решителност продолживме напред заедно“.
-Се кренавме, се изборивме и покажавме дека и оваа општина му припаѓа на народот. Ја вративме безбедноста, ја вративме правдата, ја вративме честа. Со нас е голем број чесни и тука присутни Албанци, Роми, Власи, Турци, Срби, Бошњаци и сите тие кои мислат добро за своите деца, потенцира Костовски.
-Ова не беше лесна борба, ми се закануваа, ме уценуваа, понекогаш ме напаѓаа, но никогаш не се повлеков затоа што зад мене стоите вие, чесните луѓе во Бутел и кога стоиме заедно нема никој посилен од нас, нотира во обраќањето Костовски.
„Ќе продолжиме со истата решителност, ќе ја чуваме секоја улица, секој куќа, од секој човек од влијанието на криминалот и корупцијата, ќе ја чуваме правдата, редот и достоинството. Бутел не е веќе симбол на страв, туку е симбол на храброст“, потенцира Костовски.
Костовски посочи дека ресурсите на општината се насочени на детските игралишта, јавните површини, локалните училишта, социјалната помош за ранливите категории.
„Ги насочуваме ресурсите таму каде што најмногу се чувствува потребата, детските игралишта, јавните површини, локалните училишта, социјалната помош за ранливите категории, детските градинки, грижата за здравјето на граѓаните, и секако спортот“ истакна Костовски.
Костовски наброи дел од реализираните проекти во општината.
„Изградивме две градинки во Бутел 1 и Бутел 2, училиште во Визбегово, плоштад, мега парк во Радишани, корито и уредена трим патека на Серава, 102 улици од кои голем број клучни сообраќајници, пет спортско рекреативни центри, 13 спортски терени, 10 детски игралишта, во образованието вложивме 215 милиони денари, во спортот направивме покрај клубовите, општината стипендира 400 спортисти“, рече Костовски.
Костовски исто така потенцираше дека тендерот за изградбата на поликлиниката е веќе распишан и наброи дел од проектите на изборната програма.
„Овие проекти се ветувани повеќе од 30 години, овие средства не беа ниту од кредит ниту од општината, туку директно негова заложба. Ви благодарам претседателе, тоа е историската поликлиника за којашто распишавме тендер и ќе се наоѓа на местото на старата амбуланта. Вториот проект е децениското барање за жителите од Љубанци да добијат нормална вода за пиење за нивните деца, и тој проект е реален. Ќе изградиме два нови мега паркови, нов културен дом, две нови училишта во Љубанци и Љуботен, три нови градинки во Радишани, Бутел и Визбегово и пет нови спортско рекреативни центри и многу други проекти“, посочи Костовски.