Пратениците во Собранието изгласаа недоверба на членовите на Судскиот совет, но тие сè уште се на своите функции и очигледно е дека не планираат да си поднесат оставки. Додека судството „ужива“ доверба приближна на статистичка грешка, македонскиот народ изреволтиран од самоволието на функционерите кои со својата (не)работа ја срамат фелата, но и државата во светските извештаи.
КУРИР побара став од поранешниот јавен обвинител Сотир Костов за ваквото однесување на членовите на Судскиот совет.
-Мојот став е крајно неповолен за нив – негативен. Јас сум згрозен од нивното неетичко однесување. Срамно и бедно е да имаат недоследен, неконзистентен и непринципиелен однос кон судската должност, мизерна е нивната неодговорност, кон функцијата што ја имаат и работата што ја работат, а запрепастувачка е нивната неморалност и отсуството на свест и совест. Длабоко сум убеден дека се луѓе што не го знаат вистинското значење на поимот “принципи“, но и луѓе што немаат вредносен систем. Во нивното работење јас воопшто не ги видов познатите Бангалорски судски принципи. Се работи за независност (сите зависни од своите ментори – политички, партиски и бизнис пријатели), коректност (некоректни меѓу себе, кон судиите кои ги третираа и кон сите нас како јавност), непристрасност (до максимум пристрасни), еднаков третман (за едни мајка, за други маќеа), стручност (никаква), совесност (отсуствува, непозната за нив) и интегритет – за него и да не зборуваме – нула. Да, тие сè уште се на своите функции бидејќи не чувствуваат ниту грам срам за тоа што му го направија на македонското судство. Да, тие очигледно не планираат да поднесат оставки (го чекаат Годо, кој за нив никогаш нема да дојде). Зошто така се однесуваат? Па затоа што немаат чест, бидејќи едноставно не знаат што е тоа и немаат никаква етика на честа. Затоа што наместо да се праведни во работењето, тие се неправедни во одлучувањето и однесувањето. Затоа што никогаш нема да ја почувствуват доблеста на Кантовата етика, и олеснувањето што таа ти го дава кога ќе ја прифатиш и спроведиш, вели Костов за КУРИР.
На прашањето „Каков кредибилитет имаат членовите на Судскиот совет кога се разрешени од страна на Собранието?“, Костов одговара дека кога станува збор за овие луѓе не можеме и не смееме да зборуваме за кредибилитет бидејќи е допрено дното на дното во судскиот систем.
-Кога една судска менаџерска елита (членовите на Судскиот совет според Уставот и законите, треба го менаџираат македонското судство во вистинска смисла на зборот) ќе го допре дното на дното во судскиот систем, не можеме и не смееме да зборуваме за кредибилитет на тие и такви луѓе. Тие не покажаа доверливост (дома во Македонија, народот не им верува, јавноста не им верува, фелата – правните експерти не им веруваат, на крајот и законодавната власт – народните пратеници, им изгласаа недоверба; и во светот Стејт департментот на САД не им верува, Фридам хаус не им верува, ЕУ не им верува и оценската мисија не им верува), а експертизата, управувачка и судска, им е еднаква на нула. И затоа се луѓе на кои не може да им веруваме, и се судии кои на дело покажаа и докажаа, дека не можат да го менаџираат судството. Еве и зошто: компетентноста/стручноста им е на многу ниско ниво; се покажаа крајно недоследни; не се искрени кон себе, фелата и јавноста; многу често ја криеја, во фиоките, вистината (за предмети, судии, коруптивни афери) и со тоа ја манипулираа и лажеа јавноста. Значи, ако некои што во нашето општество покажаа дека немаат морална вертикала, не дејствуваат според општопознатите етички принципи, што ќе рече нашиот народен мудрец, образот им е ѓон – а тоа се судиите и истакнатите правници, од Судскиот совет, тогаш врвна иронија и невиден парадокс е да се каже дека тие се кредибилни, анализира Костов.
Костов оценува дека недвосмислено треба да им предочуваме, секојдневно во деновите пред нас, дека после изгласаната недоверба од пратениците на законодавниот храм, тие веќе не можат легално да работат бидејќи ги погазија Уставот и сите можни закони, и што е најважно повеќе немаат легитимитет како членови на Судскиот совет.
Во анализата за КУРИР, Костов порачува и дека не ни треба Совет на обвинители кој продуцира членови и потпретседатели на тоа тело кои се докажано корупирани и фатени ин флагранти во извршување на кривично дело.
-Ова правно насилие и силување, и моралната атропија и аномија, што ни ги наметнуваат 10-15-20 судии и истакнати правници, мораме под итно да ги прекинеме. Досегашната инертност веднаш да ја замениме со енергична акција. На тие луѓе мора да им ја покажeме излезната врата од македонското судство. Претставниците на законодавната и извршната власт, заедно со нас, стручната и општата јавност, сите заедно, пред нос да им го ставиме Кодексот на судската етика во Македонија, и да им кажеме дека го срамат и го погазија тој акт, па следствено се недостојни за функциите што ги обавуваат. Одлучно и енергично во лице да им кажеме дека ни е доста од нивната морална тортура (морализирањето на Весна Дамева во Собранието на РМ и на Тања Чачарова-Илиевска пред телевизиските камери – наликуваа на четиригодишни деца кои се тврдоглави и инаетливи), бидејќи тоа е насилство врз нашиот разум, насилство над веродостојните аргументи и мерливите факти за нивниот судски срам и насилство врз секоја логика. Недвосмислено треба да им предочуваме, секојдневно во деновите пред нас, дека после изгласаната недоверба од пратениците на законодавниот храм, тие веќе не можат легално да работат (ги погазија Уставот и сите можни закони), и што е најважно повеќе немаат легитимитет како членови на Судскиот совет. Довербата кон нив од граѓаните е мизерни 2%, од законодавниот дом имаат висока недоверба – изгласана од 77 пратеници, а и правната фела целосно веќе не ги поддржува. На дело ни покажаа дека нивната поврзаност со повисоките филозофски вредности и со законите е никаква, што имплицира дека не можат да испорачат правда и праведност во Аристотелова и Цицдеронова смисла, затоа што подолго време не ги почитуваат повисоките правни принципи и процедуралните правила на македонското судство. Ако и тоа не успее, тогаш неминовно следува распуштање на Судскиот совет, а богами и на Советот на обвинители, како и смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и смена на Ислам Абази, шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кој од како е избран видовме дека знае само да се смее и толку од неговата јавнообвинителска функција и работа. Не ни треба Совет на обвинители кој продуцира членови и потпретседатели на тоа тело кои се докажано корупирани и фатени ин флагранти во извршување на кривично дело. Не ни треба Совет на обвинители кој му удоволува на хирови и поддржува суета на јавен обвинител кој самоволно и без вистински законски основ суспендира шеф и член на Више јавно обвинителство Скопје, затоа што не го послушале да сокријат криминал на “специјалните“ (Бубе, Лиле, Фатиме, Ленче, Лапе, Трајче, Ајро, Бурим….) јавни обвинители на корумпираната и осудена Катица Јанева. Не ни требат обвинители кои склучуваат спогодби за признавање на вина со нивни колеги обвинети, на штета на интересите на Македонија, и со цел да се сокрие коруптивната мрежа во обвинителството и судовите, посочи тој.
Поранешниот јавен обвинител во изјавата за КУРИР апелира дека со тие и такви луѓе не се прави реформа на македонското судство и јавното обвинителство. Сепак, внимателно и со почит, Костов им се обрати и на стручните и чесни обвинители и судии.
-Доста ни е од нив и правото што ни го нудат – право во кое нема правда и праведност. Доста ни е од нивното зборување за закони и законско работење, а криење на вистината. Доста ни е од нивното коруптивно однесување и од нивното владеење. Сакаме владеење на законите (култура на законие), сакаме правна држава. Со такви деструктивни луѓе, тоа не го бива. Не можеме да го лечиме судството (темелно да го реформираме) со судии и обвинители кои до максимум го контаминираа со корупција, непотизам и кронизам. Доста ни е од безобѕирни јавнообвинителски интриганти. Не сакаме повеќе судски манипуланти и медиокритети. Да им ја покажиме излезната врата од македонското судство на судиите и обвинителите без достоинство и интегритет. Доста ги трпевме, доста беше. На крај им се извинувам на стручните и чесни обвинители и судии, кои не по нивна волја се маргинализирани и намерно расфрлани/разместени на маргините на македонското судство и јавното обвинителство. Овие мои ставови и констатации не се однесуваат на нив. И да ги охрабрам – времето работи за нив. Само треба да ги издржат неправдите кон нив и барем малку да се похрабри и истрајни во иницирање на промените и реформите кои се неминовни. Однесувањето и одважноста на нивните колеги Мустафа Хајлурахи и Јово Цветановски нека им послужат како примери кои треба да ги прифатат и оддржат, заклучи Костов.