Македонија Интервјуа Курир Интервју

Костов за Курир: Дали правото значи и правда во Македонија? Коцевски да сфати дека етички е неподобен да ја врши функцијата

– Не може да сакаме само да не бираат, а кога ќе дојде денот за да покажеме одговорност, ние народно кажано да се правиме на Тошо. Тука јас би го поставил прашањето кој вредности ги брани македонското право. Дали правото во Македонија значи и правда? Очигледно не. – Кажа за Курир Сотир Костов.

Костов за Курир: Дали правото значи и правда во Македонија? Коцевски да сфати дека етички е неподобен да ја врши функцијата

Аналитичарот Сотир Костов во интервју за Курир даде свое мислење на тема доверба во судството и интерпелација на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски.

„Состојбата со јавниот обвинител на Република Македонија, Коцевски, е многу интересна од причина што, тој од вчера го изгуби својот легитимитет по гласањето на неговата недоверба во парламентот. По изборите и референдумот, собранието на Република Македонија е најширока демократија и највисоко законодавно тело во државата. И не е мала работа ако тоа исто тело, кое го избрало пред година и половина, на тој човек од повеќе причини, поради не извршување на задачите квалитетно, стручно и објективно, поради несовесно работење, па дури и индиции за злоупотреба на функцијата, му изгласа недоверба. Тој човек, односно Љупчо Коцевски, треба да има доблест да сфати дека веќе морално и етички е неподобен да ја извршува оваа функција.

Но видете кај нас се случуваат многу интересни работи. Нешто слично се изгласа и со целокупниот состав на судскиот совет, и понатаму продолжија со работа. Не е далеку и советот на јавни обвинители, каде исто така се случуваат некои интересни работи. Но на нив мува не ги лази. Има една изрека, нешто е труло во државата Данска. Мораме да се замислиме и да се преформатираме, нашиот правен и законодавен систем да го менуваме.

Не може да сакаме само да не бираат, а кога ќе дојде денот за да покажеме одговорност, ние народно кажано да се правиме на Тошо. Тука јас би го поставил прашањето кој вредности ги брани македонското право. Дали правото во Македонија значи и правда? Очигледно не.

Ако ги анализираме последните 10 години, ќе дојдеме до заклучок дека високите четири-пет места за оваа неповолна состојба во правосудниот систем всушност ги држат, поранешниот обвинител Јовевски, потоа шарената обвинителка Рускоска, целиот состав на судскиот совет и поголем дел на составот на советот на јавни обвинители, и за крај секако Љупчо Коцевски, допринесоа нашето судство да падне на ниски гранки. Ќе искористам еден израз „Ground zero“, што би значело дека нашето судство е целосно на земја, нула.

Како доказа на сето ова е народната доверба од фамозните 2%. И сега се прашувам кога и народот и јавност немаат доверба во тоа судство, и кога нема да ви изгласаат доверба во законодавниот дом, што е со граѓанскиот морал во заедницата во која живееме. Што е со обврските кои ги обавуваме, а очигледно не ги обавуваме како што треба, еве како во случајот на обвинителот. Тој повеќе се бавеше повеќе со казнување на своите колеги обвинители, не зависно од кое обвинителство доаѓаат. Јас лично мислам дека тоа не е пример за работна етика. Јас мислам дека тоа е пример за неодговорност.

Така да вредностите, принципите и нормите на заедницата се погазени во овој случај. Лично мислам дека е крајно време да се одговара за она што не е сработено или е сработено против законски од страна на обвинителот Коцевски и да се понесе одговорност. Треба да се има доблест да се поднесе оставка. Очигледно тој не е спремен на таков чекор. А тоа е одлука на луѓе кои немаат храброст. На еден начин ова е непочитување на народот и непочитување на законодавната власт.“

To top