Македонија Рефлексии и реминисценции од локалните избори (1.ДЕЛ)

Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање

Главни актери се тројца политичари(В.Филипче, А.Ахмети, Д.Апасиев), сценаристи еден мал(ама добро избран) број новинари од оние на Боки 13, режисери од архибригадата псевдоаналитичари, а по порталите, еден куп протагонисти и антагонисти, кои ги первертираат изборните резултати, победите и поразите

Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање

Токму така, сведочиме на неподносливата леснотија на манипулирање(од тројца лидери-губитници во изборната трка за локална власт, солиден број на псевдоаналитичари и одреден број на новинари – спин доктори). Ги читам веснициве од неделава што измина, ги гледам телевизиите и правам прошетка по немал број портали, и не можам да се изначудам: рафалната стрелба против победникот на локалните избори избори (ВМРО-ДПМНЕ) и лидерот на победата Христијан Мицкоски, не стивнува. Напротив, се засилува и добива на жестина и интензитет, во стилот победата била пирова, се наметнува драма на перспективите на Македонија, се истакнува психологијата на деструктивното, македонскиот народ бил несовршен и неинтелигентен, се прават чудни психоаналитички портрети и што ли уште не. Се во стилот на бла, бла, бла и празна тафтологија, па така и покрај тоа што на и после изборите ВМРО-ДПМНЕ не ја доби својата “прва лузна“, ниту пак ДУИ “избриша патос“ со ВЛЕН, “големиот“ аналитичар Љ.Д.Фрчковски и понатаму сее магла и фрла прашина во очи, во емисија на познатиот “шнајдер“.

Е тоа е чиста какафонија, блуење на вербална логореја. Здрав разум би рекол обид апсурдот да ја силува логиката.

Господа псевдоаналитичари и новинари-спин доктори, каква е вашата перцепција за демократијата? Знаете ли вие што е морално паѓање на човекот? Каде се идеалите, дали вие почитувате луѓе па биле тие и политичари(ама победници), каде ви е свеста, имате ли совест? Без разлика на се мислам дека работите се малку појасни откакви што сакате вие да ги претставите. Изборите, а особено резултатите од гласањето, покажаа дека нема веќе народ за лажење. Народот веќе не верува на лагите, измамите (а патем речено СДСМ предолго не лажеше и мамеше, а ДУИ и Али Ахмети цели 22 години не манипулираа, преку врвно политичко лицемерие) и на нереалните и неостварливи ветувања. Доблесно е да престанете да контрирате на се. Контрирате на победници, на реалност, па дури и на вистината. Доколку продолжете на се да контрирате од демократијата ќе направите контрабас. Зачудува фактот на се да се контрира па и на тоа што води кон промени, промени за подобро. Тоа е инфантилно и безлично. Барем малку респектирајте го народот, затоа што, ви се допаѓа или не, тој покажа дека творечката константа е токму тој, и само тој.

Граѓаните избирачи одлучија како што одлучија, па во овој момент за него се друго е општествена дисфункција. Почитувани мои аналитичари(псевдо) и новинари(спин доктори), политичарите за кои кукате, а народот одлучно им рече не, треба да сватат, а и вие како нивни загрижени адвокати, дека народот е константа – поединечна и колективна мера. Мера за се. Тоа одамна е покажано и докажано. Никој на светот не памети толку ситници и детали како што памети народот. За ова слободно можете да го консултирате и Питагора кој многу одамна не опомена сите нас дека човекот е мерка за се. Затоа ве молам малку усул во неаргументираните и неоснованите напади и оцрнувања и почит кон човекот, без разлика дали е обичен гласач или лидер на изборната победа. Верувајте ми: никој не излегол на крај со народот, а камоли политиката за која се залагате и ја браните и политичарите досегашни репрезенти на таа и таква политика.

Знам, сваќањата, навиките, утврдените однесувања и прифатените ставови најтешко се менуваат. Но, обидете се и не не застрашувајте со драмата на плурализацијата и драмата на перспективите и иднината на Македонија. Може да ви помогне читањето на книгата „Драмата на плурализацијата“ од почитуваниот професор Димитар Мирчев и ќе видите дека драмата е зад нас. Доколку и тоа не помогне обидете се со “Страв од промени“ од г. Славко Милосавлевски и тврдам дека фрустрацијата и синдромот “промени“ ќе биде излечен и надминат. Доколку не ми поверувате и ништо не прифатите, па и понатаму продолжите со избрзани и неосновани анализи за предвремените избори (а тие сеуште траат) тогаш чувствувам потреба да ви предочам дека односот на анализата, психоанализата и политиката е несомнен и видлив. Но, исто така непобитен е и фактот дека истражувањата и анализите на оваа тема во Македонија се малобројни и не секогаш компетентни и стручни. За ова опоменува и Херман Хесе кој уште во 1918 година во есејот “Уметникот и психоанализата“ констатира дека анализата пред се поставува едно големо но основно барање, кое доколку биде заобиколено и занемарено многу бргу се свети. Вистинската анализа бара вистинитост и искреност кон самите нас, на што ние не сме навикнати. Анализата не поучува да го видиме, истражиме, сериозно да го земеме во предвид и прифатиме она што со најголем успех сме го потиснале во себе. Тоа што генерации под трајна присила го потискувале во себе. Токму овој момент е моќно и огромно доживување што треба да го почувствуваме уште при првите чекори во анализата. Тоа е потрес од корен. Кој ќе издржи и ќе продолжи понатаму, тој со секој следен чекор се чувствува осамен и отсечен од постојните конвенции и наследените погледи, со што се соочува со безброј прашања и сомнежи кои ништо не може да ги спречи. Но затоа позади срушените сцени на наследството се повеќе и повеќе се гледа или насетува како се подигнува бескомпромисната слика на вистината. Тоа е сликата на реалноста во светот кој не опкружува. Само на тој начин наученото станува видливо, пропратено со возбудливо отчукување на срцето. Притоа колку стравувањата, збунетоста и потиснувањата се осветлуваат, толку значењето на животот и личноста се издигнува на повисоко ниво и со поголемо барање.

Доколку успееме вака да ја сватиме анализата, па и психоанализата, тогаш драги мои, без разлика дали го анализираме поразот на СДСМ и Венко Филипче, или победата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, ќе успееме да го надминиме синдромот впечатокот да ни биде побитен од вистината, а сликата поважна од поимот, т.е суштината. Секако и сценаристите, режисерите, протагонистите и антагонистите на неподносливата леснотија на манипулирање, треба малку да закочат, да дигнат рачна, бидејќи, едно што се многу уморни, друго, не се свесни дека се пред провалија.

За ова потребно е, сите да ја промениме прифатената обратна перспектива на идеологизирана препарирана оптика преку која ги гледаме работите, а што ни е наметната од волшебниците на досегашниот политички илузионизам и волунтаризам(“Боки 13 новинари“, оние од Рекет 1, 2, 3….повторно се во акција). Верувајте ми не е така комплицирано како што изгледа на прв поглед. Едноставно треба да се надмине негативната дијалектика во која иднината го одредува минатото. Не треба да дозволиме да постои разлика помеѓу она што го забележал фотографскиот апарат (камера обскура) и она што одговара на се она што се случило во реалноста. Да не заборавиме дека и Алиса(од семјата на чудата) открила дека светот почнува позади огледалото. Таа ѕирнала позади него и открила нов свет, поинаков од оној што дотогаш го познавала. Пред нејзе се отворил превртен свет, т.е превртена вистина и лага како начело на успешно владение(исто како што минатата власт 7-8 години ни сервираше лаги и манипулации, преку нејзините псевдоаналитичари и медиумските и нарикачи), односно како силогизам на логичната моќ. Таа грозотија од неподнослива леснотија на манипулирање никогаш повеќе да не се повтори.

 

Сотир Костов

To top