Македонија метафизички јазол во нашата и европска дијалектичка реалност

Колумна на Ѓорчев: Има ли сè уште Македонско виножито на грчкото небо!?

Вистината за Македонија ќе ја победи европската имагинарност во врска со случајот за непризнавање на нашето уставно име, како и погрешната воспоставена хиерархија на меѓучовечки и меѓунационални односи на Балканот.А поимот Македонија ќе не надживее сите – човечки, државнички и пред се- библиски…

Колумна на Ѓорчев: Има ли сè уште Македонско виножито на грчкото небо!?

Во последните трисетина години бев присутен на разни настани и собири низ Европа. Независно дали повод била политиката, спортот или културата, честопати пред моето име (се до кобната 2018 година и самозаблудата на тогашната македонска влада за нужноста од промена на нашето уставно име) стоеше хартиено пусулче со акронимот ФИРОМ (Поранешна Југословенска Република Македонија). Мојата внатрешна душевна експлозија, предизвикана од грчката и европска потреба од негација на името Република Македонија, ја изразував најчесто со огромен внатрешен гнев и со зборовите: глупост, апсурд, лудост,лага…

Снежната топка што ја фрлија грците во Лисабон-јануари 1992 година и донесената Декларација на ЕЕЗ (Европската Економска Заедница) дека се додека не го избрише поимот Македонија од своето уставно име нашата држава не може да преговара со ЕЕЗ, а подоцна и со ЕУ во текот на изминатите три децении прерасна во лавина. Огромен страв и неизвесност за нашето опстојување како независна и суверена држава се ширеше од нашето политичко раководство во почетокот на деведесетите години?! Контролираните печатени и електронски медиуми во тој период ги маргинализираа сите слободно мислечки луѓе во државата и нивните аргументи дека не постои друг таков пример во светската државничка историја-под притисок на друга држава да се прифати промена на името на сопствената држава?!

ГРЧКИОТ НАЦИОНАЛЕН МИТ – МОЗАИК СО ХЕТЕРОГЕНА КУЛТУРА

Бев вчудовиден од незнаењето и интелектуална корупција на современата европска државничка мисла. Едно е Европа да се восхитува од достигнувањето на класичната античка култура. Сосема друго е да се подлегне на асимилираната мисла дека севкупната Античка култура е Панелинска култура. Можеби стиховите на Џорџ Гордон Бајрон ја имаат таа магична сила за панелинистичко убедување. Впрочем, тој го дал својот живот за слободна грчка држава.

И тука почнува сета мистика за врската помеѓу античките и современите грци. Историските факти говорат нешто сосема друго. Така барем докажува Фалмераер, кој прв на европејците им појасни дека меѓу античка и современа Грција има огромна разлика.

Историјата е важна за разбирање на целосноста на минатото. Легендите и митовите се пресудни за подробностите. Претставата за минатото во нашите глави, всушност е мозаик на човечки судбини, митови и легенди во чие средиште е скулптурата на современиот човек. Мозаикот е со хетерогена структура. Оттаму и човечкото минато е проблематично за одгатнување. Доволно е да недостасува само дел од мозаикот и човек се упатува по митски патеки по кои никој досега не чекорел. Во недостиг од факти, потпирањето на сомнителни историски плагијати за вистината е пресудно во создавањето на историскиот национален мит. Национализмот е страотна работа. Национализмот всушност е борба за сопствените предубедувања. Националната идеја е опасна за недоволно просветлена совест. Ако е совеста просветлена од сеопшти човечки идеали, тогаш ќе може да се разбере тешката балканска историја на народите што живеат на овој европски полуостров. Ако совеста е мрачна и заталкана по темните ходници на човечка самоизолација, се јавува проблем на национална халуцинација и митска приказна за големината на сопствената нација.

Денешната грчка држава се обидува да му се претстави на светот како концентриран супстрат на прататковината Елада. Заветниот ковчег на панелинскиот дух е предаден во рацете на сегрчката национална идеја. Конечен епилог е идеолошка кохезија на “грците по род”. Притоа националниот грчки мит е противречен сам по себе. Географските големини на прататковината-античка грција и современата грчка држава се две апсолутно различни категории. Стратегијата за проширување на грчката држава согласно со идејата за “Мегало Елада”, се отелотворува со освојувањето на Тесалија, Македонија, Западна Тракија и Додеканеските Острови. Во прашање се само годините кога е тоа сторено -1881, 1913, 1940 година, како и начинот на кој е остварено грчко присуство на тие простори.

Сето тоа сегрчко единство не е постигнато со културна и етничка кохезија, туку преку мировни конференции со воспоставување погрешна хиерархија на меѓудржавни и меѓунационални односи на Балканот, со агитација на грчката црква против другите балкански православни цркви или едноставно преку активноста на грчките андарти?! Камата и пиштолот биле културните алатки со кои андартите “го освестувале” негрчкото население за неговата врска со прататковината Елада?!

Меѓутоа, фактите се неспорни. Бројот на грчкото население постојано растел. Од 1830 до 1945 година има огромен раст на грчко население, но и огромен јаз на вистината и лагата, испревртени толкувања на историските наводи од Калистен, Тукидид, Плутарх…, асимилација или протерување на “ендопите” и доселување на грчко население од Мала Азија и Кавказ во просторот на анектираната територија на Егејска Македонија!

ГЛОБАЛНИОТ СВЕТ И СТАРИТЕ НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ДОКТРИНИ

Ултра-националната грчка идеја се соочува со првите пукнатини во цврстото јадро на теоријата “едно време, еден јазик, една нација”. Времето на Балканот е виорно променливо. Балканскиот простор отсекогаш бил мултилингвален. Притоа, англискиот глагол “to balkanize” е синоним за измешаност на поделени народи. Едноставно,Балканот е спој на мали и измешани сродни нации, векови на подеми и падови на големи империи, но и тегобни човечки судбини. Кога на тоа ќе се додаде новата глобална доктрина за човекови права и граѓански слободи, националната конфузија во Грција допрва ќе расте. Глобалните и регионални политички и воени сојузи – ЕУ и НАТО, се судираат со необјасниви феномени. Хипнотизирани од влијанието на грчката хистерија од деведесеттите години, упорно се држеа за акронимот ФИРОМ, се додека САД, Н.Р.Кина и Русија не ја признаа Р.Македонија под уставното име!!

Тој факт, како и недвосмисленоста на Пресудата на Меѓународниот Суд на Правдата во Хаг од декември 2011 година во полза на Р.Македонија, обуслови уште 124 држави од меѓународниот светски ред и поредок да ја признаат Р.Македонија под уставното име. Самата доктрина за човекови права го уриваше неодржливиот концепт на ЕУ за непризнавање на нашето уставно име – Република Македонија. Не признавајќи го нашето име, Унијата фактички западна во спор со Балканската историја. А од неа никој здрав и прав не излегол.

Непобитен факт е дека на територијата на грчката држава во последните три децении се појавија Павлос Воскопулос, Анастас Паризис, Димитрис Литоксоу, Георгиос Накрацас, Јанис Варуфакис… Тие луѓе постојат. Тие се реалност. Тие се есенцијата за отворање на грчкиот простор кон новите перспективи за единство на европските народи. Споменатите грчки државјани повеќе пати биле во Скопје и зборувале за себе, за своите книги и своите ставови за Грција и Македонија, како и за потребата од заедничка иднина…

Георгиос Накрацас е Грк по род. А не ги мрази Македонците. Пишува за тоа како Венизелос, а не Ататурк ги одделил од нивните куќи, имоти и традиција на грчката етничка заедница во мала Азија,. Преселбата од Мала Азија во Егејска Македонија тој ја доживува како атак врз достоинството на неговото семејство. Уката дека треба да ги мрази Македонците не ја прифаќа. И тој како и јас е жител на Балканот и зборува отворено за патиштата по кои треба да чекориме кон заедничката европска иднина. Димитрис Литоксоу по едниот дедо е Тракиец, а по другиот Арнаутин. Тој го цитира во една своја книга претседателот на Грчкото археолошко друштво-Нерулос, кој во 1841 година изјавил:”… Филип втори, покрај тоа што ги победи Грците кај Херонеја, измисли уште посмртоносно оружје со цел да ја зајакне Македонската хегемонија со севкупниот антички свет- Александар Великиот?!

МАКЕДОНСКИ НИХИЛИЗАМ КОН СОПСТВЕНИОТ ВРЕДНОСЕН СИСТЕМ – МАКЕДОНИЗМОТ

Каде е во сето тоа македонската држава? Во дефанзива, како што е вообичаено. Чекаме да се случи нешто, па потоа ќе заземеме став. Кусогледи, се наоѓаме на опачината од настаните. Изолирани од сите на Балканот и во Европа, изолирани дури и од нашата македонска историја. Во времето кога бевме дел од Југословенската федерација, кому му беа потребни сознанија дека на територијата на Балканот се воделе три Македонско-Римски војни. Ние тогаш сакавме да бидеме лидери на Неврзаниот свет. Моравме да учиме за Ханибал и војната меѓу Картагина и Рим. Имавме скриена надеж во нас дека еден ден новите луѓе кои ги раѓаше тој социјалистички систем, ќе имаат можност да ја осознаат целата историска вистина околу Македонија. Бевме убедени во непорекливата културолошка димензија на Македонизмот, како комополитска цивилизациска придобивка на народите што живееле на географско-историскиот македонски простор и нивната идентификација со поимот Македонија и етнонимот Македонец. Промоцијата на Македонизмот е спроведена не со воените победи на “Фалангата”, туку преку Македонските Кралски Научни Академии во Македонија, Антиохија, Пергам и Александрија од 336 година пред н.е. до почетокот на првиот Христов милениум!

ЗАКЛУЧОК

Кога се отворивме како држава кон европската визија за светот, сите наши надежи беа изневерени. Се соочивме со грчка и европска негација. Не бевме во состојба политички да го издржиме тој непринципиелен и неправеден притисок. Прифативме преговори за името. Паднавме на колена и најпрво го сменивме државното знаме, подоцна и Уставот со обврска дека нема да се грижиме за македонското малцинство во другите држави. Се дискутираше со страв за Антиката. Македонскиот човек стана мистичен. Македонските политичари избегаа од големите национални идеи и ја промовираа прагмата како водечка во нивната политичка акција?! Дојде и денот кога поради сопствено незнаење, себичен интерес и ароганција, Димитров и Заев во 2018 година во с.Нивице на брегот на Преспанското езеро (истото езеро кое што беше црвено од крв на Грчките и Македонски партизани за време на Граѓанската војна во Грција и извршениот геноцид над Македонското етничко население), самозаблудени дека се креатори на новото македонско-европско време,го извршија најголемото предавство и потпишаа договор со којштого сменивме името!

Да не заборавиме дека македонските граѓани на Референдумот за промена на името, гласаа да не се менува уставното име! И не само тоа. Причинско- последично, владата на коалицијата СДСМ-ДУИ со криминогена операција во македонското Собрание изнудија осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (обвинети во судска постапка) со гласање за промена на името – да си ја обезбедат својата слобода и лична иднина а ја урнисаа македонската иднина! Грчкиот историски ураниум не озрачи и ја дезинтегрира нашата реалност.

Оспорувањето на македонското име и историја, како и непризнавањето на македонското малцинство во Грција е метафизички јазол во нашата и европска дијалектичка реалност. Вистината за Македонија ќе ја победи европската имагинарност во врска со случајот за непризнавање на нашето уставно име, како и погрешната воспоставена хиерархија на меѓучовечки и меѓунационални односи на Балканот.А поимот Македонија ќе не надживее сите – човечки, државнички и пред се- библиски…

Автор: Марјан Ѓорчев

Најнови вести од Македонија

To top