Денес актуелно во медиумскиот простор е инцидент во кој е вмешан член на обезбедувањето во ВМРО-ДПМНЕ, за што од партијата се огласија со соопштение во кое се вели дека споменатото лице е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со Претседателот на партијата.
Тие исто така бараат органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот.
Сличен ваков настан се случи во 2016 година, но тогаш вмешан во настанот беше лицето Александар Трајков, обезбедување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како лично обезбедување кое го следеше Заев, Трајков на 15 октомври 2016 година претепал 10 лица пред дискотеката Платинум во Струмица. Од нив две момчиња и едно девојче завршија со тешки повреди, откако без причина и повод ги нападнал Александар Трајков. Тогаш министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски и овој случај имаше обид да биде заташкан.
Насилието иако е пријавено во МВР, службите на Спасовски го скрија инцидентот предизвикан од партиското обезбедување на СДСМ. Во дневниот билтен на МВР нема ни збор за масовната тепачка која ја направил телохранителот на Зоран Заев.
– Не можам јас да ви одговорам, за тоа ќе треба да се јавите и да прашате во МВР. Јас овде сум како генерален секретар на СДСМ, а не како министер за полиција, изјави министерот Оливер Спасовски тогаш прашан од медиумите на еден јавен настан.
Подоцна, поради сериозноста на инцидентот и притисокот на јавноста, СДСМ го призна настанот и најави дека лицето ќе биде повлечено од обезбедувањето на Заев.
Во врска со информациите за евентуална инволвираност во инцидент на Александар Трајков, едно од лицата од придружбата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, соопштуваме дека споменатото лице било приватно излезено во Струмица, додека претседателот Заев присуствувал на партиски активности во Охрид. Посоченото лице ќе биде отстрането од придружба на претседатателот Заев на определно време, во исчекување на наодите во МВР“, соопштија тогаш од СДСМ.Дури по јавното објавување на соопштението на СДСМ, МВР испрати официјално соопштение за инцидентот.
„Министерството за внатрешни работи во врска со настанот кој се случи пред кафе барот „Платиниум“ во Струмица во раните утрински часови, а кој беше уредно пријавен во билтенот на МВР во 7:45 часот, ја известува јавноста дека во тек е постапката за расветлување на истиот, сослушување на сведоци и преземање на сите неопходни мерки за утврдување на околностите во кои се случил настанот и одговорноста на учесниците. МВР ја уверува јавноста дека сите неопходни постапки се одвиваат максимално професионално, со почитување на законските и подзаконските одредби и апсолутно е исклучено било какво политичко или партиско влијание како резултат на партиска припадност на некој од учесниците во настанот. Во моментот кога ќе бидат утврдени сите елементи од настанот, јавноста ќе биде известена и ќе бидат преземени неопходните законски дејствија“, стои во полициското соопштение.
Подоцна, од страна на МВР беше поднесена и прекршочна пријава за ова лице.
Сепак тоа не го спречи насилниот Трајков да се заканува и на новинари и медиуми. За скандалот да биде поголем, тој испратил и закани за тужби бидејќи се чувствувал навреден, а адвокатот кој го застапуваше беше личниот адвокат на Зоран Заев, Ване Андреев.
После одредено време, лицето Александар Трајков, повторно беше вратено во обезбедувањето на Зоран Заев како ништо да не се случило, а јавноста се уште нема информации дали и како заврши ова скандалозно насилство од личниот обезбедувач на Заев.