Македонија

ЈО ја активира Комисијата за следење на нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела на изборите

Јавното обвинителство повторно ја активира Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

ЈО ја активира Комисијата за следење на нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела на изборите

Ова е една од одлуките донесени денеска на колегиумот на ЈО, на кој новиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги запозна јавните обвинители со приоритетите од програмата за неговиот мандат и активностите за јакнење на транспарентноста и довербата во институцијата.
Како што информираат од ЈО, за претседател на комисијата која ќе ги следи изборите, е определен јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

– Проактивното и превентивно делување на Јавното обвинителство поврзано со претстојните избори е во насока на приоритетно постапување за извршени изборни нерегуларности. Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите и секаде каде ќе оцени дека има индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите ќе ги известува пониските основните обвинителства со насока за итно постапување, велат од ЈО.

Јавното обвинителство ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на изборите, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса – [email protected]

To top