Македонија ЈО и правда во клинч

ЈО: Ако министерот е толку загрижен нека предложи квалитетни законски решенија

Што се однесува до забелешката на министерот Лога дека во Извештајот за работа на обвинителствата нема податоци за покренати и изречени дисциплински мерки против обвинители, од ЈО објаснуваат дека такви податоци вистина нема ниту може да ги има.

ЈО: Ако министерот е толку загрижен нека предложи квалитетни законски решенија

Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки, реагира денеска Јавното обвинителство (ЈО) откако вчера министерот за правда, Кренар Лога јавно го објави мислењето на Министерството за правда (МП) за работата на јавните обвинителства и им забележа дека обвинителите не ги запазуваат роковите и ги одолговлекуваат истрагите.

Од ЈО пак, велат дека ако министерот за правда е толку загржен би било добро тоа да го покаже со „квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки“. Инаку, Бирото за судски вештачења е орган под надлежност на Министерството за правда.

Во својата реакција, Јавното обвинителство (ЈО) се повикува на Законот за јавно обвинителство и вели дека мислењето на Министерството за правда (МП) за Извештајот за работата на јавните обвинителства се доставува само до Владата само со цел истата да биде запознаена со него, а не тој да биде објавуван во јавноста. На забелешката на министерот за правда, Кренар Лога дека обвинителите не ги запазуваат роковите и ги одолговлекуваат истрагите од ЈО тврдат дека тоа не е точно.

„Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1 отсто од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1.087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение“, реагираат од ЈО.

Оттаму велат дека е точна забелешката на министерот Лога дека во Извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права е констатирана долготрајност на истражните постапки но тоа е Извештај од 2021 година, а не оној последниот од 2022 година.

„Врз основа на утврденото и дадените образложенија, американскиот Стејт департмент објави извештај и за 2022 година во кој оценките се поинаку формулирани во овој дел, односно се наведува дека роковите за водење на истраги предвидени во Законот за кривична постапка (ЗКП) се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети. И покрај ова, во коментар за Годишен извештај за работата на обвинителствата за 2022 година Министерството за правда наведува Извештај на Стејт департментот за 2021 година, иако веќе е објавен извештајот за 2022, а се подготвува и извештајот за 2023 година во чие сумирање на податоците активно учествува и Јавното обвинителство. Својата загриженост за ефикасноста на постапките, министерот за правда би било добро да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки“, пишува во реакцијата на ЈО.

Од Обвинителството признаваат дека во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, има забелешки дека точно е дека зајакнувањето на капацитетите на истражните центри и на јавните обвинителства се клучни за ефикасност на истрагите, но, велат од ЈО, во ниту една реченица од Извештајот не се критикува Јавното обвинителство за таквите состојби. Исто така оттаму наведуваат дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година нема посебен извештај за користење на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази, бидејќи ваквото снимање согласно ЗКП претставува само можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска.

„Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата. Ова е нешто што и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го нагласува во сите јавни настапи, а го бара и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата. Опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка“, наведуваат од ЈО.

Што се однесува до забелешката на министерот Лога дека во Извештајот за работа на обвинителствата нема податоци за покренати и изречени дисциплински мерки против обвинители, од ЈО објаснуваат дека такви податоци вистина нема ниту може да ги има.

„Дисциплинската постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства. На донесените одлуки и мерки од дисциплинската комисија јавните обвинители имаат право на второстепена постапка пред Советот на јавните обвинители кој е посебен орган и чии одлуки исто така не можат да бидат опфатени со предметниот извештај. Доколку Министерството за правда има потреба да добие извештај за работата на дисциплинската комисија, податоците за донесени одлуки се јавни и доставени до повеќе медиуми и надлежни органи кои покажале интерес за ова прашање“, пишува во денешната реакција Јавното обвинителство.

To top