„Не дозволувам политички партии да печалат поени и да враќаат рејтинзи преку игри во образованието и на штета на воспитно – образовниот процес! Законот за средно образование кој го предложивме во Собранието и предвидуваше повеќе нови права и можности за наставниците, стручните соработници, учениците и родителите, вклучително и изборна можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за усвојување. Во меѓувреме ќе ја подобриме неговата содржина“.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
-Денеска го повлеков од дневниот ред, за да не дозволам ДУИ да го закочи усвојувањето на целата нова правна регулатива во образованието, на која заедно со бројни општествени чинители, макотрпно работевме во изминатите неколку месеци. Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго…Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези несвесно, тие го уназадуваат и воспитно – образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно, вели таа.
Министерката со порака до ДУИ:
„На пратениците од ДУИ сакам да им порачам дека Владата ќе продолжи да ги спроведува промените кои народот ги побара, тоа е сигурно. Но, им порачувам и конечно да почнат си ја почитуваат државата, да покажат волја за соживот, за соработка, разбирање и единство. По не знам кој пат ќе повторам, живееме во една заедничка држава, сите треба да ја чувствуваме како своја и заедно да се грижиме за нејзиниот развој“.
-Во меѓувреме, како министерка ќе продолжам да се заложувам за јакнење на меѓуетничките односи особено меѓу младите генерации во Македонија и на целосна интеграција на ова општество. За следната година веќе предвидовме повеќе средства за училишни активности кои ќе ги зближуваат младите од различните етнички генерации, посочи Јаневска.