Македонија мон

Јаневска: 38 милијарди денари за образованието и науката во 2025 година, усвоен најголемиот буџет досега

Министерката истакна и дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците, што ќе подразбира и вложувања во изградба, адаптација и опремување на просторни капацитети.

Јаневска: 38 милијарди денари за образованието и науката во 2025 година, усвоен најголемиот буџет досега

Образованието во 2025 година ќе се финансира со буџет од 38 милијарди денари. Најмногу досега, затоа што Владата и министерството имаат намера да го забрзаат развојниот процес во вистинска насока. Предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи. Ќе се унапреди ученичкиот и студентскиот стандард, а средствата за наука речиси двојно се зголемуваат.

За ова денеска на прес конференција информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, додавајќи дека почнува да се менува лошата реалност во образованието создадена во изминатите неколку години со импровизација и кабинетски одлуки, а без конкретен долгорочен план и консултации со стручната јавност и засегнатите.

„Годинашниот буџет е за 6 милијарди денари поголем од првичниот во 2024. Зголемени се блок дотациите за сите општини за 1,5 милијарди денари, затоа што е најавено покачување на платите на вработените во училиштата и тоа за 7% од месец март. Повисоки плати од месецов добиваат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14%, а ненаставниот за 8%“, рече Јаневска, изразувајќи очекувања дека ова јакнење на економската стабилност, ќе биде стимул за дополнителна заложба на наставно – научниот кадар кон поквалитетно образование.

Министерката истакна и дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците, што ќе подразбира и вложувања во изградба, адаптација и опремување на просторни капацитети.

„Започнуваме со анализа за адаптација на 100 училишни објекти за работа во една смена, по чие завршување ќе следи проектирање и реализација на градежни активности и за оваа намена, во преговори сме со Светска банка за обезбедување на 500 милиони денари“, додаде Јаневска.

Парите за студентски стандард се зголемуваат од 1,4 милијарди денари на 1,8 милијарди денари. Освен зголемување на дел од правата како субвенционираниот оброк и обезбедувањето на бесплатен јавен превоз, МОН се фокусира и на подобрување на катастрофалните услови во студентските домови, за кои, како што рече Јаневска, претходната Влада немаше слух, иако повеќе пати беа ветувани изградби на цели студентски градови.

„Два дома веќе се реконструираат и ќе се завршат до крајот на годината, а целиот процес со опфат на сите домови ќе заврши во текот на мандатот на Владата“, рече министерката, потенцирајќи и дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за ученички стандард за 110 милиони денари, односно обезбедени се 621 милион денари.

За науката пак, буџетот е зголемен двојно повеќе, односно од сегашните 380 на 680 милиони денари.

„Развојните политики на Министерството за образование и наука се креираат во соработка со бројни домашни партнерски организации и здруженија, но и со меѓународната заедница и меѓународни партнери, на кои сум им бескрајно благодарна и очекувам поддршката да се интензивира“, нагласи Јаневска, изразувајќи благодарност и до претседателот на Владата, министерката за финансии и сите пратеници кои во интерес на граѓаните и поквалитетно образование, го поддржаа усвојувањето на новиот буџет.

Најнови вести од Македонија

To top