Анализа и насоки за подобрување на безбедносната состојба на сообраќајот во државата беа во фокусот на работната средба која вчера директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев ја одржа со Цветко Мицевски, надворешен советник за инфраструктура во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.
-Дискутиравме за влијанието на патната инфраструктура врз целокупната безбедност, како и за законските решенија од областа на сообраќајот. Посебно внимание посветивме на поставеноста на сообраќајната полиција, нивото на техничките средства и можностите за нивна оптимизација. Отворивме и прашање за можна реорганизација на сообраќајната полиција, со цел зголемување на нејзината ефикасност. Нашата заложба останува јасна – подобрување на безбедносниот систем и унапредување на механизмите за заштита на граѓаните во сообраќајот, вели Јанев.
Тој додава дека континуирано работат на воспоставување на модерни, ефективни и одржливи безбедносни решенија. Со јасна визија и стратешки пристап, градиме поефикасен систем кој ќе одговори на предизвиците на современиот сообраќај, овозможувајќи побезбедни патишта за сите учесници, посочува директорот на полицијата.