Објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
-Што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот, рече Коцевски.
Во однос на полициските службеници кои биле ноќта, додаде Коцевски, „јавното обвинителство сè уште собира докази зошто отишле, по чиј налог, што презеле и кога се случил пожарот“.
-Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка, истакна Коцевски и додаде дека истрагата се проширува.
Државниот јавен обвинител не ја исклучи можноста да бидат приведени и други полициски службеници до завршување на истрагата.
Претходно, беше поведена истрага за седум полициски службеници.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 61 лице, а 193 беа повредени.