Соочен со кривичниот прогон кој го најави обвинителот Коцевски за случајот со мито за опструкција на судски процес за Мијалков, поранешниот „прв“ вицепремиер , десна рака на Ахмети и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, кој се најде на црната листа на САД, вечерва преку социјалните мрежи објави дека се повлекува од политичкиот живот и дека за тоа го информирал лидерот на партијата Али Ахмети.
Во соопштението кое за граѓаните е од сферата на „верувале или не“ – Груби наведува дека бил „чист како солза“, но дека решил да се повлече за да не биде, како што вели, ничиј политички товар и дека одлуката ја донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет. Во превод, притисокот на ДУИ и Ахмети по шлаканицата од амбасадорката Агелер и САД си го сторил своето. Груби стана и првата „СОЛЗА“ на Црната листа на САД. Претходно беше и ПРВ ВИЦЕПРЕМИЕР на Заев и Ковачевски. Истраживме, досега немало ниту една „солза“ на црните листи. Само криминалци…
-Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и за зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети, вели Груби во објава на Фејсбук.
Вели дека бескомпромисно е посветен на еднаквоста на Албанците во Македонија, на целосната интеграција во НАТО, на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и на членството во Европската Унија.
Стејт департментот ја прошири црната листа со имињата на Груби и судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд, обзнанувајќи дека примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на поранешениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека е оформен предмет за обезбедување на докази за евентулна кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
-Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание, истакна државниот обвинител Љупчо Коцевски на брифингот со новинарите.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера во изјава за медиумите рече дека партијата не ги оспорува одлуките на Стејт департментот и дека Груби ќе го води процесот со факти, посочувајќи на неговото право на жалба.