Сопругот и адвокат на Гордана Јанкулоска која денеска беше ослободена од вина за предметот „Тврдина“, Влатко Илиевски, изјави за медиумите дека Судот ги прифатил наводите на одбраната дека кај екс-министерката за внатрешни работи не постоело умисла или намера за да се оштети опремата за прислушување, ниту да се причини штета врз државата.
Одбраната е задоволна и сега се чека од Апелација да ја потврди ослободителната пресуда.
Илиевски се надева дека, ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета којашто Јанкулоска ја претрпела, како што вели, како една од најголемите жртви на прислушувањето.
Неговата сопруга и клиент ќе бара оштета во граѓанска постапка.
– Немала информација дека ќе се врши уништување на опремата за прислушување бидејќи кога е пратен извештајот дека опремата е уништена, Јанкулоска веќе не е министер. Извештајот е пратен на 8 мај, а Јанкулоска веќе следниот работен ден не е министерка. Таа формирала Комисија која имала општ назив и која требало да направи попис. Апсолутно не било наведено каква опрема ќе се попишува, ниту дека треба нешто да се уништи. Се однесувало за опрема која била во рамките на целата УБК – кажа Илиевски во изјава за медиумите по завршувањето на судскиот процес.
Инаку, Кривичниот суд во Скопје денеска донесе пресуда за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување.
Ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски, шефот на кабинетот на поранешниот директор на УБК Тони Јакимовски, вработениот во УБК Никола Бошковски и Валентина Симоновска беа прогласени за виновни, додека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, беше ослободена од вина.
Грујевски, кој е во бегство, доби казна затвор од 14 години и шест месеци за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за фалсификување службена исправа.
Никола Бошковски, исто така вработен во УБК и во бегство, беше осуден на 9 години и 10 месеци затвор за истите обвиненија.
Јакимовски доби казна затвор од 3 години, додека Валентина Симоновска доби условна казна од 2 години, но условната казна нема да биде извршена доколку таа не стори ново кривично дело во рок од 5 години.
Во однос на Гордана Јанкулоска, судијата Илија Трпков истакна дека обвинението против неа не било докажано.
– Обвинетата Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не успеа да докаже надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува – рече судијат