Македонија Повелба на Македонија за Албанскиот театар

Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски одликувани со Орден за заслуги – Медал за заслуги за шоуто „К-15“

Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски одликувани со Орден за заслуги – Медал за заслуги за шоуто „К-15“

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги додели признанијата Орден за заслуги за Македонија, Медал за заслуги и Повелба на Македонија.

Со Орден за заслуги Пендаровски ги одликуваше Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски.

Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Република Северна Македонија.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

Медал за заслуги за Македонија им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

-Лупчо Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваше уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и, воопшто, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина, со што остави неизбришливи траги во медиумскиот простор и македонската естрада, но и во севкупното општествено живеење.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

Бранко Огњановски и Васко Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество. Како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови тие оставија белег и поттик за развој на овој вид творештво и за идните генерации.

фото: Кабинет на претседател на Македонија

Признанието Повелба на Македонија беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење при што се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува особено значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество, како и за непроценливиот придонес во развојот на современиот театар во Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Најнови вести од Македонија

To top