Македонија Интервјуа КУРИР ИНТЕРВЈУ

Георгиевски: Илинден прерасна во економски лидер, општината ќе биде едно големо градилиште

Во текот на целиот мандат, но и по најавата за уште една кандидатура, тој е меѓу граѓаните. Организираше караван за собирање на идеи, па од сограѓаните слушна низа предлози, сугестии и критики. Најдобрите идеи ќе се реализираат во проекти.

Георгиевски: Илинден прерасна во економски лидер, општината ќе биде едно големо градилиште

По четиригодишен мандат како градоначалник на општина Илинден, Александар Георгиевски го презентираше и својот отчет за сработеното. Потенцираше дека Илинден прерасна во економски лидер во Република Македонија. Во интервју за КУРИР одговара на што се должи тоа.

-Не само што успеавме да ја реализираме програмата туку и многу проекти кои беа надвор од програмата. Тоа ми претставува чест и задоволство затоа што гледам задоволни граѓани. Реализиравме проекти од секој аспект на човековото живеење. Општина Илинден прераснува во економски препознатлива и уште посилна со самиот факт што е домаќин на неколку економски зони, односно најголемата економска зона се наоѓа на територија на општината. Илинден нуди вработување за многу граѓани, не само од нашата општина туку  тука работат луѓе и од соседните општини. Илинден прерасна во економски центар и на државата и на регионот на што особено сум горд и сметам дека и во наредниот период ќе продолжиме по таа патека, рече градоначалникот.

По успешниот мандат, доби доверба од владејачката партија да биде нивниот кандидат и на претстојните локални избори. За него тоа претставува чест, но и голема одговорност.

Во текот на целиот мандат, но и по најавата за уште една кандидатура, тој е меѓу граѓаните. Организираше караван за собирање на идеи, па од сограѓаните слушна низа предлози, сугестии и критики. Најдобрите идеи ќе се реализираат во проекти.

-Освен што имавме програма, ние тековно реализиравме проекти вон програмата, осносно вон програмата во партнерство со самите граѓани. Дали тоа било на нашите отворени денови кога се промовира буџетот, од секојдневни контакти, средби со граѓани, на улица. Каде било, во контакт со секој граѓанин, добиваш идеи, добиваш и критики, но од сето тоа учиш. Учиш и пробуваш да се корегираш таму каде што си грешел , онаму каде си добар уште повеќе да се подобриш. Нашата програма со која ќе настапиме на претстојните локални избори е сублимат на тоа кое сме го работеле до сега, ние каде што сме детектирале дека треба да наравиме повеќе, од тоа што сме го слушнале од граѓаните како забелешки, мислења, сугестии, идеи од целиот изминат период. Сега имавме отворени денови и собирање идеи од граѓаните, 7 дена траеше таа акција и добивме многу убави предлози од граѓаните. Дел од нив, кои се реални и остварливи, се внесени во програмата за наредниот период 2025-2029, рече тој во интервјуто за КУРИР.

Ново училиште, доградени градинки, реконструирани училишта, спортски и детски игралишта и терени… Најмладите жители на Илинден беа, но и ќе останат во неговиот фокус како приоритет.

-Еден од нашите фокуси беа најмладите затоа што Илинден е општина која што се развива, има прилив на ново население и одговараме на новите потреби. Многу проекти насочивме во тој дел, дали беше тоа образованието со нови училишта, реконструкција, менување на кровови, опремување, воведување на целодневен престој кој претходно го немаше, отворање на сензорни соби. Овозможивме нова спортска инфраструктура, игралишта за правилен развој на децата. Сите овие проекти ќе продолжат во иднина. Повторно образованието ќе ни биде во фокусот. Тука е многу важна и претшколската возраст, во тој дел направивме проширување на капацитетите на детската градинка, градиме нова кујна  каде се отвора можност за поголем капацитет. Блиску сме до тоа да немаме дете на листа на чекање. За прв пат воведовме субвенција за новороденче, субвенции за млади претприемачи, субвенции во спортот каде таргет се младите, стипендии за најуспешните спортисти. Отворивме младински канцеларии. Тоа ни дава поттик и ветуваме дека и во наредниот период фокусот ќе бидат токму младите, истакна Георгиевски.

Рамномерен развој на Илинден беше досегашната негова цел, а и за следниве години најавува подобрување на патната инфраструктура во сите населени места.

-Инвестиравме и досега во секаков вид на инфраструктура. Во изминатиот 4-годишен период над 200.000 квадрати површина е реконструирана, санирана и изградена или во должина 45 километри. Над 80 асфалтирани патишта и улици. Тоа е сериозно вложување во патната инфраструктура.Тука ќе ја споменам и комуналната инфраструктура, направивме 23 километри подводни канализации, инвестиравме во модернизација на водоводниот систем 8 километри нови линии, набавка на многу нови машини за јавните претпријатија комунални возила, цистерни, опрема, се со цел да имаме конкурентни претпријатија кои ќе овозможуваат услуги на граѓаните. Паралелно се вложуваше во нови линии на осветлување. Имавме еден силен инвестициски циклус и големи проекти се завршија во патната инфраструктура. Ветувам дека ќе продолжиме во таа насока. Имаме конкретна програма, за конкретни делници и патишта кои во наредните 4 години ќе бидат реконструирани или изградени, истакна градоначалникот на Илинден и кандидат за уште еден мандат.

За време на неговиот мандат имаше промена на Владата во Македонија. Разликата меѓу соработката која општините ја имаат со актуелната и претходната власт, вели, е очигледна и јасна, убеден дека тоа и граѓаните го препознаваат.

-Разликата е очигледна и јасна и граѓаните тоа го препознаваат. Да ја спомнам само последната поддршка која ја добиваме од оваа Влада во насока на капитални инвестиции. Опшина Илинден конкурираше и на минатиот и на овој повик со проекти, 250 милиони евра беа доделени за општините, над  10 проекти имаме добиено, дел се реализирани, дел се реализираат, останатите ќе се реализираат во наредниот период и веќе се почнати постапки. Оваа Влада и пред сè премиерот Христијан Мицкоски имаат голема заслуга за овој развој на општинитеи убеден сум дека таа поддршка и таа мотивација ќе продолжи и во иднина за што сум особено благодарен и на премиерот и на Владата. Нашата сооработка е одлична и така ќе продолжиме во иднина, истакна Георгиевски.

Побаравме од него да издвои топ 3 проекти од неговата нова програма кои ќе го издвојат од противкандидатите, но тој потенцираше дека се планираат сериозни вложувања и низа проекти и најави дека во следниве 4 години Илинден ќе биде едно големо градилиште.

-Имаме многу проекти кои за брзо време ќе бидат презентирани пред граѓаните. Ќе имаме сериозни вложувањ во училиштата, предучилишните установи, сериозни вложувања во спортот, безбедноста. Во овие области ќе имаме многу проекти кои ќе значат подобар живот на граѓаните на општина Илинден. Нема да ја запоставиме нашата работа во модернизација на комуналната инфраструктура, ќе продолжиме да вложуваме затоа што Илинден е пред сè рурална општина и има потреба од поголем развој. Ветувам дека следните 4 години Илинден ќе биде едно големо градилиште, порача градоначалникот.

 

To top