Координирана акција за темелно чистење на сите површини под надлежност на Град Скопје започна денеска во утринските часови. Екипите на сите јавни претпријатија се вклучија во пролетната генералка на Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е јасна порака дека редот, чистотата и грижата за заедничкиот простор стануваат секојдневие.



– Екипите на „Комунална хигиена“ интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и оној што, за жал, е оставен од несовесни поединци. „Водовод и канализација“ ги перат улиците и јавните површини, „Паркови и зеленило“ се грижат за уредување и косење на зелените површини, додека „Улици и патишта“ поставуваат метални столпчиња со кои се става крај на узурпацијата на тротоарите и јавниот простор. Започнавме од Кисела Вода, но тука не застануваме, продолжуваме во секоја општина, систематски, посветено и без компромиси. Оваа слика на чисто, уредено и достоинствено Скопје ќе биде наша секојдневна реалност до крајот на мандатот. Она минато на кое четири години бевме навикнати, слика на депонии и негрижа – не е и нема да биде пракса во мојот мандат, вели скопскиот градоначалник.



Посочува дека чистата животна средина не е луксуз, туку основно право и обврска.



-Таа значи поздрав живот за нашите деца, почист воздух и повисок квалитет на живеење за сите. Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста. Затоа, упатувам јасен апел до сите граѓани да го чуваме она што заеднички го создаваме. Да не фрламе отпад каде што не му е местото, да не уништуваме и да не го узурпираме јавниот простор. За оние што нема да ги почитуваат правилата, следуваат санкции, затоа што ред мора да има! Грижата за вас и за нашето Скопје останува приоритет кој стои највисоко. Скопје заслужува, а ние заеднички ќе го направиме тоа реалност, вели Ѓорѓиевски.




