Предлог законот за Судски совет ги измени и уреди деловите кои се покажаа како клучни за враќање на довербата на граѓаните во правосудството, изјави министерот за правда Игор Филков, и ги повика пратениците на Собранието да ја препознаат итноста и важноста од носење на овој Закон.
Судскиот совет, според Филков, е потребно да биде транспарентен и отчетен во својата работа, посочувајќи дека креирани се критериуми за избор и оценување, како и механизам за одговорност на членовите на Судскиот совет и на судиите.
Имајќи ги предвид случувањата во Судскиот совет кои предизвикаа бурни реакции во јавноста, Филков нагласи, дека можеби е добар момент токму овие законски измени да бидат земени во предвид при дефинирањето на кандидатите кои ги предлага Претседателот, а ги избира Собранието, алудирајќи на фактот дека на 9 јули завшрува мандатот на еден од актуелните членови на Судскиот совет, кој е избран на предлог на претедателот на државата.
-Ова е нешто што е веќе разговарано и со почитуваната претседателка Гордана Сиљановска Давкова, изјави Филков.
Министерството за правда, нагласи Филков, изработи целосно нов Закон за Судски совет кој веќе е во владина процедура, кој, како што посочи е изготвен преку инклуизивен и траснпарентен процес, преку јавни дебати, експертски консултации и активно вклучување на сите релевантни чинители, а посебна потврда за ова е и позитивното мислење добиено од Венецијанската комисија.
-Не се работи за декларативен пристап, туку за суштинска промена насочена кон градење транспарентен, отчетен и професионален Судски совет, порача Филков.
Во однос на реакцијата од Блупринт групата за изборот на Андреја Весов за член на програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители и дали ги исполнува условите, Филков рече „во моментов предлогот ќе го видиме, но јас сметам дека има подобрување во предлозите“.
– Како и досега сите забелешки од Блупринт групата ни се особено важни, затоа тие во моментов се вклучени и придонесуваат во осум од десет работни групи. Во однос на нивната забелешка, колегата Весов е на позиција и доаѓа како посебен раководител со повеќе од десет годишно искуство како адвокат, со положен правосуден испит, за разлика од претходната личност што беше делегирана од истата позиција од Министерство за правда, рече Филков.
За тоа дали со ребаланост на Буџетот, има зголемување на средства за истражителите во Јавните обвинителства, Филков, рече средствата се хроничен проблем секаде и нормално е да се бара зголемување, но доколку „тоа биде оправдано, што значи треба да оди пропорционално и со резултатите од Јавното обвинителство“.
-Како дел од Реформската агенда и дел од акцискиот план бараме зголемување, односно враќање на коефициентите на платите, што сметам дека во овој момент е навистина доволно, изјави Филков.
Прашан за став околу предлогот Собранието да има посебна полиција или обезбедување, Филков, рече дека треаб да ги види предлозите по што ќе може да изнесе став, посочувајќи дека за тоа веќе имаат договорено состанок со претседателот на Собранието кон крајот на неделава.