Македонија АНАЛИЗА

Филипче и Заев – Добри трговци за себе, лоши за државата и народот

Затоа што додека и Заев и Филипче се богатеа, народот осиромашуваше и економски и национално и духовно.

Филипче и Заев – Добри трговци за себе, лоши за државата и народот

Има ли пилот надворешната политика на СДСМ?

Лидерот на СДСМ за една недела дава 2 контродикторни изјави. Ако конечно го фати курсот на владеачката структура дека се неопходни гаранции од Бугарија повеќе да не не блокира во евроинтеграциите на непринципиелни основи и на тој начин да покаже дека е добар сосед, како што е насловен договорот со Софија, на следниот настап во Атина сосема спротивно. Пред Ципрас и Заев, Филипче порача: ,,моментално имаме десничарска авторитарна влада во нашата земја, која не сака да ја придвижи земјата напред – тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза“.

,,Не сака да ја придвижи напред‘‘?!

А, како да ја придвижи напред кога недостасуваат ,,гаранции и добрососедство‘‘ од Софија кои Филипче ги побара пред само една недела.

Каква е таа надорешна политика кога наутро бараш гаранции, а навечер ја клеветиш владата дека не сака да го прифати францускиот предлог и дека владее авторитарно?

Ако и малку верува во договорот за добрососедство, а уште повеќе во усвоената преговарачка рамка, тогаш би се угледал на своите бугарски колеги кои силно и заедно, и власт и опозиција, стојат и зад договорот и зад рамката,  затоа што и двата документа се победа за нив. Затоа и не сакаат да мрднат ниту сантиметар.

Филипче, па и неговиот ментор Заев не ја научија лекцијата од двата договора, преспанскиот и тој со Бугарија.

Со првиот, договорот од Преспа, одејќи против волјата на народот, неуспешниот референдум и скандалозните измени на уставот со цементирање на новото име Република Северна Македонија, ерга омнес, имаа можност ем да не да  го прекршат  договорот, ем уставното име да продолжи да се користи за внатрешна употреба.

Зошто тоа беше важно?

Зашто во првиот дел од договорот, член 1, точка 10, параграф ,,б‘‘ е наведено:

,,б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.‘‘

СО ОТВОРАЊЕ НА СЕКОЕ ПОГЛАВЈЕ! – значи тоа беше гаранцијата дека, освен моменталната покана за членство во НАТО, првата вакцина што ја наведува Филипче, името ,,ерга омнес‘‘ќе важи и за внатрешна употреба, само откако ќе преговараме со ЕУ.

Зошто тогаш СДСМ и нивните владини коалициони партнери, пред се ДУИ, брзаа да променат се што можат предвреме. Дали некому ветиле, а знаеле дека направиле лош дил за земјата? Дали знаеја за француското, а потоа и бругарското вето од пораките на Борисов дека и Бугарија треба да се праша за името? Зошто брзаа кога, освен членство во НАТО, другите обврски од преспанскиот договор не се исполнети, меѓукои и ратификување на фамозните 3 меморандуми во грчкиот парламент кои ја официјализираат соработката?

Слично е и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Во член 2, став 2 е наведено:

,,2. Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.‘‘

Споделување искуство и помагање од страна на Бугарија за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, а не блокада!

Но, и тука заради ,,кратковидоста‘‘ на СДСМ или други интереси, силно поттикнати од ДУИ се прифаќа договор во кој во преамбулата е наведено:

,,Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи,..‘‘

Таа заедничка историја, бугарската страна ја наметна и во преговарачката рамка, преку сполитизираната бугарска историска комисија, без чиј ,,амин‘‘, Македонија нема да може да отвора и затвора поглавја, па дури и со Бугарите во уставот.

И кога Филипче во Атина ќе каже: „Треба да им се вратиме на нашите традиционални гласачи, а тоа се работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од работниците гласаа за радикална десница. Ова не е затоа што се радикални или фашисти. Ова е бидејќи се чувствуваат напуштени од нас, и ова е парадокс“, не е дека се напуштени, туку се предадени, национално обесправени и изневерени.

Затоа што додека и Заев и Филипче се богатеа, народот осиромашуваше и економски и национално и духовно.

Затоа што двајцата беа добри трговци за себе, лоши за државата и народот!

ПС

Друже Заев, па и друже Филипче не шитнавте како лубеници на пазар во Горњи Милановац!

To top