Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека со ВМРО – ДПМНЕ за идната влада се работи за основни елементарни разговори околу основните принципи на функционирање, усогласување на идеолошките разлики.
Тој додаде дека разговарааат врз основа на платформата којашто ја понудиле и била прифатена во целост. За Димитриевски е помалку битно каква ќе биде имплементацијата на власта во делот на тоа кој колкав број наресори ќе има,туку поважно е што тоа суштински ќе се реализира кон граѓаните за да ја почувствуваат реалната промена.
Димитриевски исто така, рече дека преговорите со ВМРО ДПМНе ги водат генералниот секретар и двајцата потпреседатели, а тој и Мицковски имале една средба и го потврдиле тоа што претходно било договорено.
Во однос на тоа кои ресори ќе ги добие Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Димитриевски рече дека се разговарало за поголем број на ресори и дека ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи, стабилизација и реализација на програмата и тоа што го ветиле.
„Имаме капацитет и за правда и за други големи министерства, но сепак тоа ќе зависи од конечниот договор. Верувам дека доколку ЗНАМ добие подршка да го менаџира овој сектор успешно ќе спроведеме сериозни реформи во делот на она што значи независна судска власт, обвинителство и да се деполитизира овој сегмент во општеството како неопходен за
владеење на правото во државата. Се уште стојам на зборот дека во Македонија нема правда. А без правда нема и мир, а без право нема и држава.“
Димитриевски додаде дека во однос на нултата толеранција за корупција ЗНАМ како нова партија, неоптоварена со никакви обврски кон поединци, групи, бизнис лобија, ќе може во целост да имплементира сериозни реформиво рамките на менаџирањето со овој ресор.
„Факт е дека ние имаме политизирано општество во сите сегменти, особено во институциите на системот. Можеби ЗНАМ е најсоодветниот кој може да ги спроведе овие реформи и никој нема да му замери. Сметам дека на Македонија и е дојдено времето да изгради систем кој ќе почива врз база на квалитет, закон, принципи, судска пракса и сето она што значи правда за сите граѓани“, потенцира Димитриевски.
Запрашан кои се имињата за ресорите кои ќе ги има ЗНАМ, Димитриевски посочи дека во пониските ешалони на власта ќе дадат шанса на професионалците во системот.
„Во однос на основните носители на политичките функции, членовите на владата, замениците министри за тоа ќе одлучувааат партиските органи и тела и во рамките на легитимна процедура ќе ги дадеме најсоодветните имиња кои што ќе бидат компетентни, способни и секако мотивирани да го сработат тоа што е тешко, а се вика реформа“, рече тој.
На констатацијата дека има пад на гласовите во парламентарните избори за ЗНАМ во однос на претседателските, Димитриевски рече:
„Ние немаме пад на избори. Имаме раст. Претходно немавме ништо, а на последните избори имавме 56 илјади гласови и шест пратеници. Што се однесува до анализата на претседателските избори, првично си поставивме цели и ги реализиравме. Многу ми е мило што граѓаните не’ препознаа како нешто ново, како трет момент или нов политички субјект, кој креира нови реални политики и е искрен кон граѓаните, се претставува на еден достоинстен начин, го држи нивото на парламентраната дискусија, на дебатата. Факт е дека на екраните и тука, на вашата телевизија, во платената политичка програма имаше се, но за ЗНАМ имаше многу малку, зашто законот е така скорен каде големите добија многу, а за малите немаше место. Левица е политичка партија која постои многу подолг период. Со политички субјект создаден пред некоку месеци, четири пет месеци, до резултат од 56 илјади гласови, јас не се сеќавам дека некој успеал да го направи тоа. Успеавме со многу мотивирани луѓе, добро организирани, со чесен пристап и издржана пргорама. Се зависи од нас. Како ќе се движиме, така граѓаните ќе не препознаваат. Ние имаме намера да ја изградиме новата политичка сила на македнскиот политички простор. Ние ќе бидеме коалиционен партнер којшто нема да биде привезок во коалицијата, туку ќе градиме партнерски односи со нашите идни коалициски партнери. Во првиот момент кога ќе сметаме дека тоа не е така или нашиот збор не се почитува, нема да бидеме составен дел од владата“.