Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, оцени дека минималната плата треба да се зголеми, но тоа да се направи врз основа на договор меѓу работодавачите и синдикатите, водејќи сметка за реалните економски параметри и глобалната економска криза.
-Минималната плата е ниска и треба да оди нагоре, но одлуката мора да биде прагматична, истакна тој.
Говорејќи за надворешната политика, Димитриевски посочи дека Република Македонија треба да остане доследна на своите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави, како и на определбите за членство во НАТО и Европската унија.
Тој оцени дека конфликтот на Блискиот Исток нема брзо да заврши и дека земјата треба да води прагматична политика.
Во однос на уставните измени, Димитриевски нагласи дека ставот на ЗНАМ останува непроменет – внесувањето на Бугарите во Уставот треба да биде со гаранции и со одложено дејство, по ратификацијата за членство во ЕУ.
-Имаме принципиелен став и додека се почитува, ќе даваме поддршка на владата, рече тој, додавајќи дека решението треба да се бара во дијалогот меѓу Скопје и Софија со посредство на ЕУ.
На прашањето за можноста за предвремени парламентарни избори, Димитриевски истакна дека ЗНАМ е подготвена, но одлуката ја носи премиерот и најголемата парламентарна партија. Тој нагласи дека ЗНАМ нема да поддржи влада во која ќе учествува, како што рече, „нереформиран ДУИ“ и додаде дека партијата е задоволна од работата на своите министри, најавувајќи дека за евентуални промени ќе одлучуваат партиските органи.
На крајот, Димитриевски потенцираше дека Движењето ЗНАМ останува доследно на своите принципи, реформската агенда и заштитата на националните интереси, нагласувајќи дека партијата ќе продолжи да делува одговорно, со јасни позиции и подготвеност за политички одлуки во интерес на граѓаните и државата.