Македонија партијата ќе одлучува во наредните денови

Божиновски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада, така може да се спречи евентуален изборен поткуп

-Се надевам дека и самата власт, која е свесна дека нема голема поддршка, ќе се воздржи од какви било обиди за поткуп. Најважно е самите граѓани и медиумите да алармираат доколку има некоја ваква појава, вели Божиновски за Курир.

Божиновски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада, така може да се спречи евентуален изборен поткуп

Со цел да не се направат поголеми политички тензии ВМРО-ДПМНЕ треба да ги номинира министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и замениците министри, смета аналитичарот Владимир Божиновски.

Посочува дека техничката влада е важна за СДСМ, бидејќи преку неа власта сака да го оправда договорот на екс премиерот Зоран Заев и Али Ахмети за поставување на технички премиер од ДУИ.

-Ќе им биде тешко ако немаа техничка влада, да им објаснат на граѓаните зошто поставуваат премиер од ДУИ, наместо премиер од СДСМ, вели Божиновски за Курир.

Божиновски истакнува и дека со учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада може да се влијае во спречување на евентуален изборен поткуп и изборен притисок кој може да го направи власта, што впрочем е и предвидено кога се формираше Пржинската Влада.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ има луѓе внатре во институциите ќе се обиде да спречи доколку дојде до одредени појави или обиди за изборен поткуп. Многу е поважно да се следи целиот изборен процес и да се види кои инструменти може да ги искористи власта со цел да направи одреден изборен притисок. Минатите избори имаше Пржинска влада, но имаше одредени сомневања за обиди за поткуп, преку фондации и делење пакети. Се надевам дека и самата власт, која е свесна дека нема голема поддршка, ќе се воздржи од какви било обиди за поткуп. Најважно е самите граѓани и медиумите да алармираат доколку има некоја ваква појава, вели Божиновски за Курир.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во наредните денови партиските тела ќе одлучат дали ќе учествуваат во техничката Владата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски истакна дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДС и ДУИ.

-Кога владата ја предводи човек како Талат Џафери кој безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој не го пополнува местото член на ДИК кое и следува на опозицијата, а со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред, тогаш тој што би имал намера да не учествува во ваква влада за организирање на избори, може само да им даде поголема шанса на Џафери, Груби, Спасовски да прават малверзации, изјави Милошоски.

Ова ќе биде трета преодна Влада во земјата. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време Влада, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година. Втората преодна Влада ја предводеше сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и тоа од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.

Четирите најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи влада за спроведување избори.

To top