Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го повика медиумите да бидат особено внимателни кога известуваат за трагедијата во Кочани во која сè уште не се знае колку се загинати и повредени, но со сигурност станува збор за десетици жртви.
АВМУ потенцира дека станува збор за трагедија од големи размери во која има и човечки жртви и потребно е да се почитува достоинството на жртвите и да не се предизвикува дополнителна болка на нивните семејства.
„Од овие причини, информациите коишто ќе бидат објавени мора да точни и проверени, а доколку не можат да се потврдат или станува збор за претпоставка тоа треба да биде јасно кажано“, велат од АВМУ.
Оттаму додаваат оти медиумите мора најодговорно да водат сметка за рамнотежата помеѓу правото на јавноста да биде информирана и за личната болка и жалост и да избегнуваат да објавуваат експлицитни сцени, фотографии или видеа од настанот, односно стриктно да ги почитуваат професиоалните и етички стандарди.
„При евентуално објавување на сензитивни содржини тие треба да бидат означени со соодветно визуелно односно акустично предупредување. Воедно, медиумите треба да прилагодат севкупната програма,објави и да емитуваат, односно објавуваат содржини соодветни на ваков настан“, соопшти АВМУ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува длабоко жалење во врска со трагедијата во дискотека во Кочани.