Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на вчерашниот ден спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои АХВ вчера, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија доби известување за пласиран небезбеден производ на македионскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено е маслото ARA.
-Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот. Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле, информираат од АХВ.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата.