Денес пишувам за лицето и опачината на политичарите губитници и за неспорниот факт дека во стварноста, реалноста е поинаква. Во деновиве што поминаа вниманието ми го привлекоа три политички субјекта од политичката сцена во Македонија. Првиот е Али Ахмети, вториот Венко Филипче, а третиот Димитар Апасиев. Сите тројца, секој на свој начин, се прогласија за победници на локалните избори, а всушност се поразени и големи губитници: првиот го доживеа синдромот “бонсаи“(СДСМ од 16 општини дојде на само 6 општини), вториот, конечно свати дека принципот на Фајрбонд “се поминува“, веќе не важи за него и ДУИ, а третиот и понатаму страда од синдромот Janus bifrons: кога не оди на гробот на Енвер Хоџа, во еден момент се прикажува за Робеспјер, а веднаш потоа за Че Гевара(специјален вид на Homo duplex). Човек не знае што да мисли: имаат ли морал овие луѓе или пак им недостасува култура. И општа и политичка.
Првото не приморува да се замислиме за дилемата каков е вистинскиот однос помеѓу политиката и етиката, а второто ме асоцира на некултура, т.е. кич-култура во политиката. Како и да е тројцата патат од феноменот или поточно синдромот на двојник – поделено и/или умножено ЈАС. За овој феномен во политиката, нешто повеќе, во некоја друга прилика.
Денес некој збор за маски и јавни лица во политиката, поточно за паѓањето на маските. Оваа “политичка тројка“ ја покажа скриената/маскирана/ опачина на нивните јавни лица, поточно на нивните ликови и личности. Ја испишаа приказната за лице и опачина, за реверс и анверс, па и за Кастор и Полукс, во крајно негативна варијанта. Зошто? Па им паднаа маските, се покажа лажните фасади. Инаку и во трите случаи фасадата долго време всушност била измама, која ја покривала и сокривала вистината. Сведоци сме на нераскинливата поврзаност на фасадата и маската со мимезисот и тоа во политиката. Овие врски и односи наметнуваат прашања: Што се случува зад маската? Дали вистината е скриена зад неа? Дали вистината може да биде откриена? Дали е откриена вистината кога маската ќе се тргне и дали кога фасадата ќе падне лицето ќе биде демаскирано?
Зад маската има драма и ужас од доживеаниот личен пораз(личен – на изборите). На ова се надоврзува и партискиот пораз. Поразот, без разлика каков е, отсекогаш и на секаде е сираче. За него безмалку секогаш се бара виновник, а за победата заслужните сами се пријавуваат и наметнуваат. Што се однесува пак до скриеноста на вистината зад маската, можноста таа да биде откриена при паѓањето на фасадата, т.е паѓањето на маските, оддговорот е потврден – ДА! Тоа е така бидејќи ниту маската ниту фасадата не можат успешно да ја сокријат вистината. Кога ќе погледнеме преку и зад фасадата, маската паѓа. Се појавува маскираното, потиснуваното и сокриеното. Тоа е вистината. Ова значи дека фасадата или поточно кажано потребата од покривање и маскирање, го става во игра проблемот на маската, наспроти прашањето на вистината. Така е уште од времето на Декарт, преку употребата на името како маска од страна на Кјеркегард, до преокупацијата на Ниче со маскирањето. Сето ова е поради мислата, волјата и желбата од “неопходност“ за маскирање. Во времето, на просторот и во стварноста. Сите тие ја чинат вистината.
Но, страстите кај човекот-политичар се длабоки. Поточно, желбата за власт е длабока, а волјата за моќ најдлабока. Заради нивното остварување и одржување се користи маската, која го сокрива лицето но и ја маскира реалноста. Вистината сепак е сурова, а тоа е дека доколку маската е маскирање на реалноста, таа доживува мизерна судбина. Станува површина, но лажна површина. Тоа пак е феномен на бумерангот. Иако маската служи за сокривање на лице, вистина, реалност и слично, таа сепак нив ги открива и покажува, од причини што кај нејзе се случуваат само дејствувања по површината. Тоа е поради нихилистичката осцилација на маскирањето која предизвикува самопотврдувачко движење: од површината кон длабочината на вистината. Сепак, и покрај се маските на јавните лица во политиката (В.Ф., А.А., Д.А.) кои сакаат да одлучуваат за нашите судбини во РМ не се толку страшни и опасни, како што изгледа на прв поглед. Тие се најобични-ординарни лажни фасади. Нивната судбина однапред е одредена, како што и судбината на лицата со маски однапред е предвидлива. Тие без да сакаат ни ја кажуваат вистината. Најголема вина за тоа има стварноста таква каква што е а не каква што тие ја гледаат со нивната изместена диоптрија, која најчесто е искривена (феномен “криви огледала“) и е творба на јавните лица во политиката – какви што се тие и маските на нивните лица.
Нештата опишани на овој начин, застануваат токму кај недостигот на морални сили во луѓето. Спектакуларниот пораз, еднаков на дебакл неминовно бара да се детектираат најдлабоките и феноменолошките причини за истиот. Длабоко сум убеден дека како во случајот на овие тројца политичари станува збор за повеќе причини, кои што образуваат една специфична структура. Тројцата на куп неповратно и непоправливо заборавија да се грижат за интересите на сите граѓани во РМ, па така едниот наместо вистински да ја реформира својата политичка партија тој глуми “навредена свекрва“, на која секогаш и е крива снаата за синот. Другиот пак, повлекувањето од политиката го сваќа како трагедија и е западнат во постизборна траума и депресија. Повлекувањето од политиката, секогаш му е без повод, но со причина одложена. А третиот, наизменично пројавувајќи се како “непоткуплив Робеспреј“ и/или “насилен герилец“, од 2017-та па наваму никако Левица да ја издигне на ниво кое го посакува.
И сега,што станува со маските и овие лица позади нив? – Маските секогаш на крајот паѓаат, а лицата се демаскирани, разочарани, тажни и безлични. Тоа е поради поразот предизвикан од нeискреноста, лицемерието и лагата. Секогаш победникот е вистината.
(продолжува)
Сотир Костов