Дали тие се релаксирани и со се’ помалку предрасуди и стереотипи?
Во оваа кратка анализа ќе ги изнесам главните рефлекси од истражувањето на јавното мислење кое се спроведе во периодот од 1 до 4 февруари годинава, на теми поврзани со актуелните состојби во областа на меѓуетничките односи во Македонија. Истото е направено во рамките на платформата “ОМНИБУС“, за потребите на групацијата Бренд концепти, на репрезентативен примерок од 1150 испитаници од целата територија на Македонија, а спроведено по телефон.
Целта на истражувањето беше да се добијат релевантни и веродостојни податоци за заедничкото живеење, за ставовите, искуствата и перцепциите на граѓаните во врска со меѓуетничките односи, актуелни состојби, и можности за развој и подобрување. Анкетата беше дизајнирана да обезбеди анонимни одговори, гарантирајќи искреност во одговорите и точност во добиените крајни и збирни резултати, што обезбедува систематски увид во јавното мислење, покривајќи различни аспекти во меѓуетничките односи. Беа употребени квантификативни прашања со скала за мерење на ставови од 1 до 5, дихотомни прашања, како “да“ и “не“, перцептивни прашања за оценките на граѓаните во врска со актуелната состојба на меѓуетнички план и перспективите за нивни иден развој. Овој вид на методолошки пристап овозможи конкретна и реална анализа на состојбите, трендовите, разликите во перцепциите и клучните фактори што влијаат врз јавното мислење. Во продолжение ви ги презентирам 8-те поставени прашања на испитаниците и анализа на одговорите и добиените резултати.
- Така, на прашањето “Како би ги оцениле меѓуетничките односи во Македонија?“, 38,7% одговориле дека тие се просечни, 25,1% веруваат дека се одлични, а 9,8% се убедени дека се одлични. Тоа значи дека 73,6% од испитаниците имаат позитивно мислење за меѓуетничките односи во Македонија. За лоши односи се изјасниле 16,6%, 5,8% мислат дека тие се многу лоши. Ако ги собереме добиваме 22,4% испитаници кои не се задоволни какви ни се меѓуетничките односи.
- На прашањето “Дали сметате дека меѓуетничките односи се подобруваат, остануваат исти или се влошуваат во последната година?“, 39,2% од испитаниците одговориле дека тие се подобруваат, 34,8% мислат дека се исти, а само 16,5% мислат дека се влошуваат, 9,5% немаат мислење.
- На прашањето “Дали сметате дека развојот на меѓуетничките односи е приоритет за владата?“, 50,1% одговориле со да, 29,3% со делумно, 10,4% со не и 10,2% не знаат.
- Четвртото прашање “Дали сметате дека партиите во Македонија предизвикуваат меѓуетнички тензии за да ја поткопаат борбата против криминалот и корупцијата на институциите?“, одговорите се загрижувачки: 59,7% одговориле со да, 24,9% со не и 15,4% не знаат. Тука, на овој план одредени партии треба малку да се замислат и да го променат своето однесување.
- Следно прашање е “Дали поддржувате иницијативи за повеќе мешани политички партии, наместо етнички базирани партии?“, 44,8% одговориле дека поддржуваат такви иницијативи, додека 39,6% не го поддржуваат тоа. Само 15,6% не знаат дали да поддржат или не.
- На прашањето “Дали би прифатиле брак со личност од друга етничка заедница?“, 54,3% би прифатиле, што значи дека мнозинството немаат предрасуди кон друга етничка заедница, додека 31,2% сеуште не се подготвени за такво нешто, што значи кај нив сеуште има и предрасуди и стереотипи, ама добро е што оваа групација не е во поголем процент. Само 14,5% немаат мислење по ова прашање.
- На прашањето во врска со младите генерации “Дали сметате дека младите генерации се потолерантни од постарите во однос на меѓуетничките односи?“, 49,3% одговориле дека младите се многу поотворени, 30,8% мислат дека се малку поотворени, 14,7% се на мислење дека се исти како постарите, а само 5,2% мислат дека младите имаат повеќе предрасуди. Мора да се констатира дека ваквиот степен на меѓуетничка толеранција кај младите охрабрува и е добра основа за уште поголем процент на подобрување на меѓуетничките односи во Македонија. А ние повозрасните треба малку да се подзамислиме и да ги преиспитаме нашите ставови и погледи во врска со ова прашање.
- Истражувањето завршува со многу конструктивно прашање “Кои мерки сметате дека се најважни за подобрување на меѓуетничките односи во Македонија?“, а одговорите се многу интересни: 30,9% од испитаниците се категорични дека е повеќе од потребно намалување на политичката злоупотреба на етничките прашања(уште еднаш да се замислат поедини партии), 25,6% бараат подобрување на медиумската покриеност со позитивни примери на соживот, 20,7% мислат дека ни се потребни културни и спортски настани што ги обединуваат различните заедници, 12,3% се залагаат за поголема економска еднаквост меѓу сите заедници и 10,5% мислат дека е неопходно подобрување на образованието за различни етнички заедници.
Со право можеме да констатираме: Прво и најважно, но и доста охрабрувачки, резултатите од анкетата покажуваат стабилност во меѓуетничките односи. Имено, повеќето испитаници сметаат дека состојбата се подобрува или останува иста, при што младите генерации се гледаат како поотворени и потолерантни во однос на постарите; Втора позитивна констатација е дека најголем дел од граѓаните истакнуваат потреба од подобра медиумска покриеност со позитивни примери на соживот, како и повеќе заеднички културни и спортски настани. Тоа значи и многу повеќе култура, уметност и спорт (отколку кавгаџиска политика и политикантство), што е одлика на држава со модерна парламентарна демократија, но е и главен белег на едно граѓанско општество со високо ниво на општа и политичка култура; Трето, податоците покажуваат дека мнозинството граѓани веруваат дека одредени политички партии (ДУИ и поедини нејзини коалициони партнери, како Алијанса на Албанците на Зијадин Села) намерно предизвикуваат меѓуетнички тензии со цел да ја поткопаат борбата против криминалот и корупцијата во институциите, во која длабоко се заглибени нивни поедини членови . Овие наоди сугерираат дека, иако постои свест за важноста на меѓуетничките односи, граѓаните се свесни и за предизвиците што произлегуваат од нивната политичка инструментализација; Четврто, и покрај тоа што значителен дел од испитаниците сметаат дека развојот на меѓуетничките односи е приоритет за Владата, анкетираните во исто време препознаваат политичка злоупотреба на етничките прашања како значајна пречка во овој процес; И петта констатација е фактот, што и покрај некоректните и недобронамерни заканувања од една политичка партија во опозиција(ДУИ), новата владеачка коалиција(ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ), во осумте месеци владеење, успева да оддржува релаксирачки и не тензични меѓуетнички односи во Македонија.
Квалитетот на меѓуетничките односи е важен фактор, како лично за секој поединец, така и во целост за Македонија како демократска држава и мултикултурно општество. Оптимизмот кај младите и отсуството на стереотипи и предрасуди се најохрабрувачки за перспективата на меѓуетничките односи.
Можеби стравови се уште има, ама предрасуди и стереотипи се помалку и помалку. И тоа е добро и охрабрувачки. Ризикот од етничко насилство исто така е се помал и помал, па и тоа охрабрува. 24 години после конфликтот од 2001г. непријателското гледање на меѓуетничките состојби, се среќава само во поединечни случаеви (мал број милитантни поединци, кои треба да бидат посочени, јавно осудени и неприфатени од сите во Македонија). Севкупните сознанија од ова истражување можат да послужат како основа за конструктивни политики и добронамерни иницијативи што ќе придонесат за натамошно унапредување на соживотот и соработката меѓу различните етнички заедници во Македонија.
За крај би додал нешто што ги надминува рамките на предметното истражување, ама е инспирирано од истото, читајќи го во и помеѓу редови: Видливи се позитивните ефекти од акциите на граѓанското општество, но и од културните институции и спортските асоцијации и федерации. Но, и покрај тоа, потребни ни се повеќе познавања и почит на културите, и уште повеќе признавање и негување на заеднички вредности, ако сакаме продлабочување и зацврстување на меѓуетничкиот дијалог во Македонија. А тоа значи поголема социјализација преку пријателства и директни комуникации помеѓу различните етникуми. Како на работните места во државните институции и приватните фирми, така и со соседите од нашата улица, нашето маало, нашиот кварт и нашата општина(село и град). За овој посакуван идеал нешто повеќе отколку досега треба да поработиме, првин сите ние во нашите семејства(домашно воспитување), потоа, сите субјекти од образованието(општа и политичка култура), секако и културните и спортските асоцијации, во кои според нашите лични афинитети сите имаме еднакви услови и шанси за активност, творење, создавање и постигнување на сакани резултати и успеси.
Сотир Костов