Нов излив на изборна параноја на Бихаќка. Соочени со силниот уплав од избори, кои според последните анкетни резултати би значеле конкретен и јасен чекор кон клуч на врата на партијата, која одамна е со габарит на куќен совет на зграда од средна големина, СДС со лажни вести и надреални СФ инсинуации превенираат предвремени избори.
Звучи чудно, поверојатно патетично, но изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, која беше конкретен одговор на новинарско прашање на вчерашниот брифинг на кој тој јасно изјави дека нема никаква потреба од предвремени избори на кои тие се сигурни победници, но државнички е да не се прават поради фактот што тоа ќе значи уназадување на економскиот раст, надобудната СДС ја протолкува како најава за избори, само и само заради тоа што тие се спомнаа.
Во однос на прашањето за предвремени парламентарни избори напролет, премиерот Мицкоски повтори дека и покрај позитивните резултати за партијата што ги покажуваат ноемвриските интерни анкети, сепак, смета дека предвремени избори не треба да се одржат, пред сè, затоа што ќе застане процесот на реформи и ќе стагнира домашната задача што земјава треба да ја напише.
– Во моментов не гледам индикатор за предвремени парламентарни избори. Во рамките на коалицијата, работите функционираат многу нормално. По Самитот ЕУ – Западен Балкан и ќе се комплетира Владата со овие две имиња, рече премиерот и додаде дека во однос на понатамошната реконструкција на Владата, можеби е потребно освежување во одредени делови, затоа што има поклопување на обврски и тоа, секако, влијае на ефикасноста. Очекувам некаде во април и во мај, пред втората годишнина од оваа Влада, да се завршат процедурите во централните институции и така ќе се подготвуваме за парламентарните избори, кои, ако нема некои позначајни промени, би се случиле во пролетта 2028 година, рече премиерот на брифингот.
СДС, пак, во уплав од истите тие избори искомбиниран со паранојата поттикната од теренската анкета на ИПСОС каде резултатот е 28% наспрема 6% доверба и онаа телефонската на ИПИС каде ситуацијата е идентична, ставајќи некаков неверојатен и халуциоген контекст (велат дека Црвените линии на Филипче не стигнале до собрание затоа што по грешка ги ишмркале, во темното не виделе дека не се бели) партијата во залез пишува за некакви си избори во Србија кои значеле дека морало да ги има во Македонија, па одат до Трамп, забегуваат со Орбан и заклучуваат дека:
„Ученикот Мицко мора внимателно да ја следи ситуацијата, да реагира, да најавува и по потреба да распише избори напролет, доколку тие бидат закажани и во Србија.“?!?!
Во филмот со бихаќко-боливудско сценарио, натаму ќе срочат:
„Повторно е време, како што вчера рече Мицко, да минеме низ „катарза“. Еднаш не ни беше доволно. Изгледа дека е време за нов лист во цела Европа. Затоа: Нова сила, нова енергија, нов тим и вистински правец: Европа. Работата не е завршена!“
За да на патот кон „Златна малинка“ луцидно и неурамнотежено, скокајќи од тема на тема, мешајќи ликови и времиња, додадат:
Познавачите на состојбите ценат дека последниот чекор од вторникот со очебијна итна евакуација од СДС Титаник, која ја изведе раководството на Филипче со групната оставка пред тој да ги разреши, покажува во каква состојба на партиска хаварија е политикантската направија од Бихаќка, а „проблесоците“ со вакви малтене блесави текстови ги ставаат во рамките на очајничките потези на два-тројца кои останаа околу Филипче, па сега од петни жили се трудат со комични наративи и надреални Бредбери контексти да го одржат руинираниот морал и елан на членството.
Порачуваат и, заради себе и поради менталната хигиена на околината, индолентните ликови малку да олабават со употребата на психотропни супстанци…