Македонија ПАЛЕСТИНЦИ НА БАЛКАНОТ

АНАЛИЗА: Големата европска лага за основните човекови права

И да, сите видоа дека ниту јазикот, ниту идентитетот се ,,бетонирани‘‘ и дека диловите на претходната влада и со Грција и со Бугарија и со ЕУ беа катастрофални за македонскиот народ. Дека не се проблем Бугари во македонскиот устав, туку македонскиот идентитет и македонскиот јазик, дури и кај поедини политичари во Европа – заснована на човекови права и слободи.

АНАЛИЗА: Големата европска лага за основните човекови права

 

 

  1. јуни 2025. година ќе биде запаметен како ден кога основните човекови права во ЕУ станаа лага, а европските вредности хипокризија

Повеќе не е важно која политичка групација или колкумина европратеници застануваат зад барањето за вметнување на придавката ,,модерен‘‘ пред македонските идентитет и јазик, туку самата идеја, порив, храброст, па и лудост, во 21. век некој да си земе за право да ни каже кои сме и каков јазик зборуваме. Како воопшто може да се одвива дебата во Брисел, во лулката на демократијата и фундаменталните човекови права за тоа кој сум и што сум, како во репликата на Доне:,,Ај потпиши се дека си коњ, кога не си коњ‘‘, од романот ,,Црно семе‘‘ на Ташко Герогиевски.

Без оглед на исходот од гласањето по извештајот за Македонија на пленарната седница во ЕП, каде повторно е најавен усен амандман за вметнување на придавката ,,модерен‘‘, останува чувството на горчина, лутина, бес дека таму седат политичари кои сметаат дека имаат право да ни кажат дека сме коњи, а не луѓе! Како стотина километри подолу во Стразбур да не постои Европскиот суд за човекови права кој 18 години пресудува во корист на Македонците, не тие во Македонија, туку тие во Бугарија, и од каде и денеска дува асимилаторскиот ветер кој чудно, но вистиниото се шири и меѓу други европратеници.

Како во 21. век некој може да им каже на Корејците било од Северна, било од Јужна Кореја дека не се Корејци. На Германците било од Западна, било од Источна Германија дека не се Германци. На Американците дека не се тоа, туку Англичани, Шкоти, Ирци, Шпанци, Мексиканци, Индијанци.. .Или на Австралијанците дека се сè друго, па и Абориџини, само не така како што се чувствуваат – Австралијанци? Кој е тој што би се осмелил на сите нив да им залепи придавка, оти мисли дека има право да им го одредува идентитетот?

Да, јасно е дека во ЕУ има такви на кои им е проблем македонскиот идентитет. Но, зачудува лекомисленоста со која други европратеници ја прифаќаат тезата на бугарските, засилени со грчките пратеници дека можат да направат идентитетски инженеринг, можат да креираат нации и јазици, согласно своите узурпаторски политики. Како пред и после нив да не постои никој и ништо. А, ако веќе мора да постои тогаш тие ќе кажат како ќе се нарекува.

Откако Софија и дел од нејзините ,,заслепени‘‘ поддржувачи во Европарламентот ја изгубија правата битка, преминаа на добро познатата карта, бугарски пасоши..

Не случајно по фијаското во АФЕТ, бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов обелодени дека од 1. јануари 2007 година, за 18 години се издадени 216.549 пасоши на бугарски граѓани, кои имаат и македонско државјанство. Се разбира речиси сите извадени од економски причини и потреба за слободно движење и работа низ ЕУ. И не случајно датумот е 1.јануари 2007-ма година, кога Бугарија стана членка на ЕУ, а не пред тоа.

Но, затоа бугарскиот претседател Румен Радев не застана на таа бројка туку ја зголеми на 2 милиона бугарски државјани, случајно или не колку што живеат во и надвор од Македонија. Во острото писмо до европските институции, Радев го критикува Европскиот парламент поради, како што вели, неприфатливо вклучување во теми од „морална и научна природа“ како што се „јазик“ и „идентитет“, без правна надлежност. Ваквиот пристап создава конфликти и со другите етнички заедници во РСМ, но и со двата милиони бугарски државјани (кои се и граѓани на ЕУ) со етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија“, пишува Радев.

Од ова може да се заклучи дека:

Прво, на Радев му пречат теми од ,,морална и научна природа‘‘ како што се јазик и идентитет само ако не се во прилог и под диктат на Софија, и

Второ, Софија сè уште ги смета Македонците и во Македонија и низ светот само и само како Бугари.

За тоа е свесен и премиерот Мицкоски, за кого изгласувањето на извештајот во АФЕТ не е мала победа, туку големо разочарување, бидејќи сведочевме како во главниот град на Европа, Брисел, имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа.

И да, сите видоа дека ниту јазикот, ниту идентитетот се ,,бетонирани‘‘ и дека диловите на претходната влада и со Грција и со Бугарија и со ЕУ беа катастрофални за македонскиот народ. Дека не се проблем Бугари во македонскиот устав, туку македонскиот идентитет и македонскиот јазик, дури и кај поедини политичари во Европа – заснована на човекови права и слободи.

 

ПС

Грците ни го зедоа идентитетот од антиката, Бугарите сакаат да ни го земат остатокот до ден денешен. На крај сакаат или да станеме Бугари или ,,Палестинци на Балканот‘‘, во сопствената земја!

To top