Македонија Министерство за здравство

Алиу: Решаваме децениски проблем со паркирањето во клинички центар – следи потпишување договор со град Скопје за катните гаражи

Алиу: Решаваме децениски проблем со паркирањето во клинички центар – следи потпишување договор со град Скопје за катните гаражи

– По месеци интензивна работа и поминување на сите неопходни административни и правни процедури, конечно стигнавме до одлука со која го решаваме деценискиот проблем со паркирањето во кругот на клиничкиот комплекс. Ова прашање го најавивме како еден од првите приоритети, чие затворање беше условено од сложени постапки и усогласувања. Со последната одлука на Владата, оваа работа добива јасна институционална рамка и се отвора патот кон трајно решение во интерес на пациентите и сите вработени во комплексот клиники, истакна министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.

Станува збор за одлука за давање под закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба со град Скопје, заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со оваа одлука се овозможува просторно доуредување и изградба катни гаражи.

Во следната фаза Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи.

– Договорот ќе биде склучен на 15 години, со закупнина во висина од 10 проценти од вкупно остварениот промет и со него овозможуваме модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање. Во рамки на нашите заложби за дигитализација, предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, при што ќе бидат поставени информативни табли, со дигитален водич кој ќе ги насочува граѓаните. Верувам дека со оваа новина конечно ќе се стави ред во паркирањето и ќе се задоволат потребите на пациентите и на вработените во комплексот клиники, посочи Алиу.

Предвидено е и урбано и хортикултурно уредување на просторот со зеленило, имплементација на „паметен паркинг систем“ со интегрирани сензори за детекција на слободни паркинг места, камери со автоматска регистрација на возила, мобилна апликација за реално време резервации и уплати, како и поврзување со фискален систем и е-управување.

Најнови вести од Македонија

To top