Колумни колимна

Меѓу чеканот и наковалната

Меѓу чеканот и наковалната

Последната стамена реакција на новата македонска претседателка, освен што не’ потсети како требаше да биде сиве овие години, јасно ни покажа и каде сме, со кого сме и зошто не сме. Ни почната со претседателствувањето, таа само ја потврди грдата слика и безизлезна позиција во која е втурната Македонија.  Од една страна Бугарија, од друга Грција, од трета дволичната ЕУ. Од четврта армијата црпнати одроди. Како и да се вртиш, задникот ти е позади, вели старата поговорка. Ова, очебијно не го знаеа само Заев и Таче. Или, сепак, многу добро знаеја Котињата, нели? Како поинаку и би го заложиле газот? Ако не знаеш каде ти е, не можеш да дадеш нешто под кирија, нели? Сепак, перверзијата е што северните ќелепури заложија нешто што не е, ниту некогаш било нивно…

Меѓу чеканот и наковалната. Ова е најкусиот опис на ситуацијата во која се неоѓаме во „преговорите“ со ЕУ. Чеканот е Грција, наковалната Бугарија. Не толчат синхронизирано, ама сигурно, башка договорено. На страна, што задоволството им е загарантирано. Интересна, садистичка и шовинистичка направија смислија комшииве. Малку тепа чеканот, па одмара и оди на стенд-бај, за да во моментот кога тој ќе сопре и ќе стагнира во статична позиција, се вклучи наковалната со систем кој ја движи нагоре. Се менуваат „соседите“, на смени. Кој е чекан, а кој наковална, одамна не е ни битно. Битно е дека Македонија, ние, сме во средината.

Замисли, еден збор на непокор по цели СЕДУМ години лигавење и потпушување ги раздвижи Грците, кои по 5 лета неправење ништо околу Договорот, кој Амбдибајрамовски е 102 насто во нивна полза, сега почнаа на голема врата да дигаат џева како не се спроведувала идиотската направија? Та, Неа Демократија која „не го гласала“ и била против, сега го штитела оти бил „меѓународен договор“?!?!? Ајт таму, отсекогаш знаевте дека добивте преку леб погача, ама мрчевте за да добиете поени кај своите ултра-шовинисти. Сепак, ги зезна Сириза, која за да потсети дека се’ уште се живи, им ги тутна меморандумите во Парламент. А тие, е  Грците немало да ги потпишат, затоа што ние сме го прекршиле забеганото, еднострано четиво на кое Заевци ставија потпис и без да го прочитат. И така, Грците не направија ништо, освен што не не блокираа за НАТО. А тоа и беше целта на Преспанскиот, да не се лажеме, иако „сојузниците“ можеа да најдат и побезболен и пофер начин да не’ тутнат таму. Арно ама, ги имаа Заев, Димитров и армијата одроди, па по линија на помал отпор не оставија да се самоубиеме, самонегираме, самоизбришеме и самоуништиме. Лесно е кога си имаш „на лагер“и бесконечно располагање такви оикофобични квислинзи, настрана опортунистички криминалци, тендераши, арамии и апаши пер екселанс.

Знаевме дека Атина стоеше во сенка и само ја чекаше својата шанса да се покаже, па ко ќе видиш, добро е што се јавија веднаш. Што порано, тоа поарно, вели народот. Реално, треба сите да и кажат едно големо БЛАГОДАРАМ на Силјановска, затоа што ги извади грчките лицемери и шовинистина виделина. На страна што ги испровоцира македонските одроди, кои како печурки по дожд, паднати во антинароден транс и паника од катастрофалниот дебакл на нивната СДС, распукаа со сите орудија, ширејќи злоба и омраза, станувајќи поголеми Грци од Зорба. Разбирливо, претходно беа поголеми Бугари од Аспарух, а во слободно време беа поголеми Југословени од Тито, а главна занимација им е да бидат поголеми Европјани од Шуман и Моне. Северен, мултиперсоналити систем кој исклучува само да бидат Македонци, тоа дилајлите никогаш не биле. А, по 7 години во илегала и платен одмор, време е да си ги заработат парите, нели?

На 8-ми мај, народот им покажа дека го потценија. Башка, средниот прст. Како гратис. Настрана, што со машините за отпечатоци веќе нема бугарски возови, гласање за дузина други, разноразни малверзации и дубари кои им кумуваа на „чудните“ резултати во 2019-та и особено 2020-та година… И 18 пратеника им се многу по сите злодејанија кон Македонија и Македонците, а последните информации за временската прогноза и наездата на „прелетачи“, велат дека наскоро нема да бидат ни толку. Аирлија.

Туку, во време кога Макрон прогнозира влез на Западен Балкан во ЕУво 2040-та („живи били па видели“ и за тогаш), малку е ступидно и премногу инфантилно да паѓате во несвест околу најава за „нова“ блокада од Атина. Таа не е нова, истата си е од пред мноооогу  години, саде што си беше ставена на стенд-бај и си чекаше погоден момент во позиција на низок старт. А Бугарите, нивната блокада си е во оптек и игра, цело време. А, била една или две, разлика нема, блокирани сте. 1000 биле или една, исто ти е. Сега ќе сме биле „блокирани“, ццццц. Аман, не тресете глупости северољупци индолентни, макар и така солено ве плаќале.  Небаре, до сега не бевме. Какви сплачини и повраќаници од кујната на Бихаќка, бљак, нели.

И сега, шу прајме?

Ништо. Не е до нас, ниту некогаш било. Вистината е дека корупцијата која е наша „рак-рана“ на општеството  ја овозможија токму тие со протежирањето ултра-неспособни суртуци.Да сакаше Брисел, до сега 1053 пати ќе бевме членки, а не пак да не можеме едни бедни преговори да отвориме, по цели 19 години кандидатски статус. Следната ќе „славиме“ дваеВЧЕ од журката на СДС во 2005-та. Во меѓувреме, Украина почна преговори и без кандидатски статус, среде војна, а растурената Босна по саде две години.

До Макроновата „оптимистичка“ 2040-та има цели 16 години. Многу, премногу време за да не’ дорасчеречат, целосно демакедонзиираат и тотално да не’ обезличат. Од нас зависи дали ќе останеме Македонци, или ќе им направиме ќеф на милите ни фашистички настроени соседи и ќе го дозволиме со песна истото. Од ЕУ, пак, дали ќе престане со лицемерието и ќе стави крај на бугарско-грчкиот аздис и уникатните услови за Македонија…

Во меѓувреме, чекајќи да дојдат некои подобри времиња, стално ќе си приспомнуваме на оние старите, добри времиња. Подобрите доаѓаат и дојдоа, по седум години, си ја вративме државата. Велеа, Шумахер ќе се освести, македонскиот народ никогаш! Ги демантиравме. Со нова влада и претседателка, условите се сосема поинакви, нема место за малодушност. Верувам дека ќе опстојат, стамено и машки како и за Францускиот договор, покажаа дека нема отстапки и ценкање со македонштината. И види чудо. Од прв ден, една жена, една Гордана испадна 100 пати поголем маж од сите Заевци, Тачиња, Бујари, Димитровци, Филипчиња, Грубиња и Маричиќи заедно за цели 7 години на власт!

Знаете, реално, ми фалеа соседските национал-шовинистички будалчиња и нивните цмиздрења, лелекања и плачки околу нашиот наводен „иредентизам“, особено кога истата патетика доаѓа од душички садистички заглавени во времето и средниот век. Она, кога некој се заканува со субверзивно вето заради тоа што си се нарекуваш онака како што сакаш самиот?

Како беше она твитот:  „Името – грчко, народот – бугарски, црквата – српска, територијата – албанска, вредностите – европски…“ Резултат на начеканото село без кучиња.

Ајт, бркајте работа, доста беше.

To top