Култура Мултимедијална претстава

Премиера на „Драма изгубена во времето“ во велешкиот театар

Претставата е дуодрама и мултимедијална, што му дава динамика на дејството. Актерите Талија Настова и Самоил Стојановски толкуваат по четири улоги во четири различни приказни.

Премиера на „Драма изгубена во времето“ во велешкиот театар

На малата сцена на народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес вечер премиерно ќе биде прикажана претставата „Драма изгубена во времето“, во режија на Деан Дамјановски. Текстот е на Сашко Насев, работен според мотиви од расказот на грчкиот автор Танасис Валтимос, „Темно сино, речиси црно“.

Претставата е дуодрама и мултимедијална, што му дава динамика на дејството. Актерите Талија Настова и Самоил Стојановски толкуваат по четири улоги во четири различни приказни.

Сценографија е на Филип Коруновски, видео дизајнот и фотографијата на Данчо Стефков, аудио дизајнот на Сашко Костов, а дизајн на светлото на Марјан Тодоровски.

„Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтимос, како и според мотиви од други домашни и странски дела.

Сашко Насев е еден од најплодните македонски драмски автори и професор на Факултетот за драмски уметности на катедрата за Драматургија и филмско сценарио. Меѓу неговите најпознати дела се драмите „Грев или шприцер“, „Чија си“, „Женски оркестар“ 1 и 2, „Доле влада“, „Магдо, љубов моја“, кои се преведени на повеќе јазици и кои се играни на сцените во земјава и надвор.

Насев е автор на неколку филмски сценарија, меѓу кои и за долгометражниот игран филм „Самоуништување“ со незаборавниот лик „Чичко Кумплунг“. Автор е и на сценаријата за ТВ сериите „Бумбари“ и сега актуелната „Црвениот поет“. (МИА)

To top